Фото: Макфакс

Силно невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења вечерва го зафати Кавадарци, пишува на социјалните мрежи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

– Според првичните информации, до повикувачкиот центар во општината, се пристигнати дваесетина пријави за поплавени подрумски простории. Екипи на ТППЕ Кавадарци, ЈП Комуналец и „Мој општинар” се на терен. За половина час наврнале 40 литри на метар квадратен. На улица „Беласица” се отстранува паднато дрво од силниот ветер, а се расчистуваат и наноси од кал – информира Јанчев.

Од силниот дожд вода има навлезено и во зградата на општина Кавадарци. Од општина Кавадарци ги известуваат сите граѓани кои имаат било каков проблем да се јават во кол-центарот на општината на бројот 13 300.

За невремето информираат и од Центарот за управување со кризи.

– Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната улица „7 Септември“ на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи – стои во објавата на фејсбук-страницата на ЦУК.