Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија.
По свечената церемонија на пречекот, двете претседателки одржаа тет-а-тет средба, по што следува пленарен состанок на македонската и индиската делегација, како и заедничка прес-конференција.
Претседателката Мурму пристигна во Скопје синоќа, каде што на Меѓународниот аеродром ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
– Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности. Очекувам тие да ги потврдат одличните билатерални односи и да дадат нов поттик за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји – напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Во текот на денот, индиската претседателка ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“, а ќе оствари и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши. Предвидено е таа да се потпише во Книгата на впечатоци и да им се обрати на пратениците во македонскиот Парламент.
Попладне ќе се одржи македонско-индиски бизнис форум, организиран од Кабинетот на претседателот во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На форумот ќе се обратат Силјановска-Давкова и Мурму, а ќе бидат претставени и инвестициските можности на земјава.
Вториот ден од посетата е резервиран за културната програма. Двете претседателки ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе присуствуваат на откривање биста на Махатма Ганди. Потоа ќе отпатуваат во Охрид, каде што ќе ги посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“ и повеќе цркви и манастири во стариот дел на градот.
Поради официјалната посета, во поширокото централно подрачје на Скопје е воведен посебен режим на сообраќај. Од СВР Скопје апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници.
































