Фото: Принтскрин

Дивиот приклучок поставен на водоснабдителниот систем во Гостивар, кој е предмет на истрагата за загадувањето на водата за пиење, не се наоѓал во санитарно-заштитните зони ниту бил опфатен со важечката дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), изјави директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.

На прес-конференција во Владата, Гиновска појасни дека приклучокот бил поставен на околу 800 до 900 метри од последната точка опфатена со дозволата за водоснабдителниот систем.

 – Овој див приклучок воопшто не е во рамките на дозволата. Не се наоѓа ниту во санитарните заштитни зони, ниту кај самиот извор, туку е оддалечен околу 800 до 900 метри од главниот цевковод што ги снабдува Гостивар и околните населени места со вода за пиење – изјави Гиновска.

Таа нагласи дека за секоја измена на дозволата за користење на водоснабдителниот систем, комуналното претпријатие има законска обврска претходно да поднесе барање до Министерството за животна средина.

 – Точка 11 од дозволата јасно предвидува дека за секоја измена операторот мора да побара одобрение од Министерството, кое ја издава дозволата за водоснабдување. До денес такво барање не е доставено – рече директорката на Инспекторатот.

Гиновска информира дека по барање на Основното јавно обвинителство Гостивар, на 16 јули бил спроведен вонреден инспекциски надзор во координација со криминалистичката полиција, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје и ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Увидот траел од 19 до 23 часот, по што бил составен записник кој е доставен до Обвинителството.

Таа нагласи дека Државниот инспекторат за животна средина останува на располагање на обвинителството и ќе постапува согласно своите законски надлежности, но потенцираше дека Инспекторатот нема надлежност за квалитетот и анализата на водата за пиење и нема да коментира дополнителни околности додека трае истрагата.

Претходно, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека Обвинителството треба да утврди како било дозволено незаконски да бидат приклучени пумпите на системот и кога точно биле поставени.