Здружението за регионален развој БАЛКАН ЕКОНОМИК ФОРУМ и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, на 31.3.2022 г. ја отворија манифестацијата „Денови на австриската литература во Северна Македонија“. На настанот говореа заменик-министерот за култура Даим Лучи, амбасадорот на Република Австрија д-р Георг Вутсас, директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје Јелисавета Костадинова и директорката на Австриската национална библиотека д-р Јоана Рахингер. Настанот се одржа во големата сала на Националната и универзитетска библиотека.

Главната цел на настанот беше да се промовира австриската литература помеѓу релевантните чинители во Македонија, со цел да се доближи австриската литература до пошироката јавност во земјава.

За првпат во историјата на земјава се воспостави формална и поблиска соработка помеѓу националните библиотеки на двете држави преку потпишување Меморандум за соработка помеѓу двете институции. Истовремено, Националната библиотека на Австрија донираше книги од австриски автори, со што е збогатен постојниот книжевен фонд на Националната библиотека на Северна Македонија, а беа дел од изложбата што ќе биде отворена за јавноста до крајот на април.

Шпаркасе Банка се јавува како поддржувач на настанот преку фондацијата „Steiermärkische Verwaltungssparkasse“ од Грац, Република Австрија, и на тој начин дава свој придонес во афирмирање на австриската литература пред домашната читателска публика. Преземањето одговорност за општеството е во духот на основачката идеја на групацијата Steiermärkische Sparkasse уште од 1825 година и сите поддржани проекти кореспондираат со неа. Со години фондацијата инвестира во проекти од областа на културата и уметноста, социјалните работи, науката и истражување, финансиската писменост, младината и животната средина.