Едно општество за сите, државата за никаде

Под лажната слика на единство, почит и разбирање имаше татнеж што укажуваше дека мултикултурализмот во Македонија е во долг процес на национално разградување бидејќи неговиот неуспех стана очигледен. За жал, власта заслепена од блескот на лидерот не сакаше да го види крајот на неговиот неуспешен „социјален експеримент“, кој наместо да ги држи заедниците заедно ги раздвои, заканувајќи се да ја дезинтегрира државата

Некаде во иднината кога историчарите и другите општествени научници ќе почнат да ги пишуваат првите книги за неуспесите на постојниот македонски мултиетнички експеримент, сите тие ќе се соочат со основната вистина: дека и покрај владините прогласи за различност, правичност, инклузивност, недискриминација и едно општество за сите во реалноста егзистирало длабоко етнички поделено општество, општество на паралелни светови со висок степен на недоверба, што претставувало закана за социјалната кохезија во многу поширока смисла. Овие идни истражувачи ќе имаат список на настани и општествени концепти што ќе ја сигнализираат динамиката на процесот на разградување на Македонија како нација држава и како идеја што вреди да се продолжи. Идните експерти ќе треба да размислат дали Македонија како национална држава на Македонците навистина некогаш имала шанса да процвета, или едноставно намерно била сведена на неуспешен експеримент од нашите надворешни поддржувачи.
Кога подобро ќе размислам, од почетокот на нејзината независност се експериментираше со етничките прашања и се нудеа пропаднати решенија што се тестираа на македонските граѓани. Станавме заморчиња на неуспешни мултиетнички експерименти што нѐ направија неуспешна држава. Со години „етничките лаборанти“ се мачеа да го најдат вистинскиот модел што ќе функционира во македонското етнички поделено општество. Иако секојпат социјалниот експеримент не успеваше да даде веродостојни резултати, етничкиот инженеринг продолжуваше за да го достигне својот климакс низ идејата на поранешниот премиер за „едно општество за сите“. Инспириран од духот на времето, Зоран Заев и неговата група шарени чираци се впуштија во она што им се чинеше весел нов социјален експеримент.

Очекуваа дека имаат одговор за тоа како да се направи различноста да функционира и дека го имаат клучот за поинклузивна иднина на македонското општество. А, всушност, ни подметнаа вешто спакуван и убаво нашминкан пропаднат мултиетнички модел на општество. Ни подметнаа неуспешен модел на општество без заедничка социјална рамка, каде што скоро е невозможно да се негуваат врските на доверба и заемно почитување потребни за да се поврзе едно мултиетничко, религиозно различно општество.
Кога Европа ја изгуби вербата во мултикултурализмот, само во Македонија можеше да градите политичка кариера на целосно распаднат, дисфункционален и неуспешен мултикултурен проект наречен едно општество за сите. Ниту едно, ниту општество за сите. Добивме општество за никаде. Под лажната слика на единство, почит и разбирање имаше татнеж што укажуваше дека мултикултурализмот во Македонија е во долг процес на национално разградување бидејќи неговиот неуспех стана очигледен. За жал, власта заслепена од блескот на лидерот не сакаше да го види крајот на неговиот неуспешен „социјален експеримент“, кој наместо да ги држи заедниците заедно ги раздвои, заканувајќи се да ја дезинтегрира државата. Едно општество за сите стана мит креиран на лажни ветувања за еднаквост на сите. Наместо еднаквост, добивме нескротлива реверзибилна дискриминација низ политиката на квоти и растечка омраза меѓу заедниците во Македонија. Јазот помеѓу стремежот и реалноста тешко може да биде поголем од оној денес. Македонија како „едно општество за сите“ го соголи митот дека е земја на еднакви можности за сите. Нееднаквоста на резултатите и нееднаквоста на можности се зајакнуваат токму меѓусебно низ концептот на едно општество за сите. Тоа го гледаат сите, освен изгледа поранешниот премиер. Кој сѐ уште се надева ќе гради некојаси нова меѓународна кариера низ лошо нашминканиот труп на концептот „едно општество за сите“.
Очигледно на мултикултуралистите им се допаѓа мозаикот, но не и неговите модели и нијанси. А токму тие модели и нијанси ни го менуваат етнокултурниот и религиозен карактер на државата. Иако историјата покажува дека ниту една нација не може долго да опстане ако заборави зошто постои и дека мултикултурализмот брзо ја уништува и разградува земјата што ни ја оставија нашите предци, ние продолжуваме.

Очигледно македонското општество повеќе беше загрижено за идентитетот на „другите“, отколку за идентитетот на македонската нација. Промашениот концепт на едно општество за сите ниту помогна ниту ги реши, а најмалку ги намали нерешените локални фрустрации на етничките заедници во Македонија. Затоа и прогнозите за иднината на мултиетничкиот концепт на македонската држава не се розови и оптимистички. Една од нив особено е вознемирувачка: на краток рок, веројатно нема да има значително движење кон дезинтеграција зашто ЕУ и САД имаат доволно сила на принуда да нѐ држат заедно. Меѓутоа, на подолг рок предвидувањата се дека Македонија, веројатно, ќе се распадне по етнички линии со загуба на територија и население. Ваквите предвидувања поаѓаат од претпоставката дека Западот ќе ја губи својата сила на принуда како резултат на политичката криза внатре во ЕУ и крајот на секоја реална надеж дека Западен Балкан ќе се приклучи на Унијата. Затоа бројките беа важни. Важни беа од почетокот на независноста на државата. Изгледа конечно бројките почнуваат да се порамнуваат со брзината со која се движиме кон „едно општество за сите“. А државата за никаде.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски