Новата година започнува со уште една трансплантација на црн дроб, на бубрези и на коскени ткива, објавува „Макфакс“.
Рано утрово на Хируршките клиники започна експлантацијата на органите, откако вчера попладне семејството на пациентка во мозочна смрт даде согласнот за донирање.
– Нивната желба да подарат некому живот и здравје, денес донесе трансплантација на црн дроб, два бубрега и на коскени ткива. Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работат – истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.
Тој истовремено искажа благодарност до сите медицински екипи кои изминатите часови работеа на подготовка на донорот, на реципиентите и во операциските сали.
– Не радува тоа што се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите и да спасат некому живот. Новата година ја започнуваме со акт на хуманост и добрина. Со надеж и верба – потенцира Сали.