Воденицата во село Свињишта за која пишувавме пред три месеци и која беше во исклучително лоша состојба, благодарение на средства обезбедени од Германија, за неполн месец доби сосема нов лик и наскоро повторно ќе меле жито.
Жителите на селото се прездоволни што со нивна помош старата воденица добива сосема нов лик.
– Како што ветивме така и реализиравме. Старата воденица во нашето село која беше под закана целосно да се распадне, доживеа целосен препород и стариот објект доби сосема нов лик. Средства за оваа намена беа обезбедени од Германија. Старата воденица доби нови ѕидови, нов покрив и наскоро ќе бидат поставени воденичките камења, ќе се исчисти јазот и старата воденица ќе си ја врати старата функција која ја вршеше речиси стотина години. Поголема група локални жители целосно се фокусираа објектот да биде реновиран за во догледно време да нема опасност од негово рушење – истакна Боро Трајаноски, еден од најактивните поборници за реновирање на селската воденица.
За целиот простор да добие сосема нов лик се погрижи и општина Кичево која обезбеди средства за поставување на бекатон плочки на целата површина околу минералните извори. Сега граѓаните кои ги посетуваат овие извори, повеќе нема да газат кал. Со реновирањето на селската воденица целокупниот простор доби сосема нов лик.
За осветлување на просторот пред воденицата и минералните извори поставени се соларни канделабри и светики.
З.А