Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ од денеска до петок се реализира работилница за мозаик, со поддршка на Министерството за култура и туризам. Работилницата се реализира по втор пат, а учествуваат ученици од прилепските училишта, кои три дена, до петок, ќе се дружат, ќе творат и ќе научат повеќе за мозаикот како ликовна дисциплина.
Мозаикот е уметност од мали делови, но со големи приказни, вели м-р Александра Димитрова, предавач, која на почетокот на учениицте им ја објасни техниката за создавање на мозаик, како една од најстарите и највпечатливи ликовни уметности во која секое мало парче носи свое значење и придонесува кон создавање на единствена целина.
-Мојата цел како ментор е да ги поттикнам креативноста, трпеливоста и индивидуалниот уметнички израз кај секој учесник, овозможувајќи простор за истражување, учење и создавање. Верувам дека мозаикот не е само техника, туку и начин на размислување, процес во кој од многу различни елементи се создава хармонија и убавина – рече Димитрова.
Координатор на проектот е Марјан Стојаноски.
-Искуството од првата релизирана работилница во 2025 година, придонесе да го продолжиме проектот и годинава, и со тоа да ја поттикнеме мотивацијата, креацијата и желбата кај младите за изучување на оваа дисциплина во ликовната уметност. Интересот за учество на учениците беше голем. Практично младите ќе научат како се создава мозаик – вели Марјан Стојаноски. Ка.М.





































