Фото: Марк Руте/инстаграм

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека американскиот нуклеарен чадор останува најголемата гаранција за слободата и безбедноста во Европа.

На прес-конференција во Брисел, пред утрешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата, Руте рече дека САД во моментов го преиспитуваат својот придонес во силите на НАТО, пред сè во однос на распределбата на одговорностите за спроведување на одбранбените планови.

-САД јасно ставија до знаење дека остануваат посветени на НАТО, но очекуваат поправедна распределба на товарот и на одговорностите – изјави Руте.

Тој нагласи дека нема да има промени во однос на американските нуклеарни сили во Европа и оцени дека чекорите на Вашингтон се фер и ќе ја направат Алијансата посилна.

Според Руте, останатите сојузници имаат капацитет да се справат со последиците од промените што ги предлагаат САД.

На утрешниот состанок на министрите за одбрана, како што најави, ќе се разговара и за напредокот во исполнувањето на целта издвојувањата за одбрана да достигнат пет отсто од бруто-домашниот производ до 2035 година.

-Очекувам сојузниците да ги претстават своите планови – рече Руте, додавајќи дека дел од земјите би можеле да покажат подготвеност да ја исполнат целта и пред предвидениот рок.

Осврнувајќи се на војната во Украина, генералниот секретар на НАТО оцени дека Русија не бележи значителен напредок на бојното поле и дека сè потешко успева да го надополни бројниот состав на своите вооружени сили.

Тој наведе дека Русија за три недели во Украина трпи онолку жртви колку што претрпела во текот на целата десетгодишна војна во Авганистан, а за пет недели губи онолку војници колку што САД изгубиле во текот на петнаесетгодишната војна во Виетнам.

-Сите сакаме војната во Украина да заврши и да се постигне мировен договор, но за тоа е потребно учество на двете страни – рече Руте.

Тој додаде дека засега се чини оти рускиот претседател Владимир Путин не е подготвен за преговори.