Новото крило на ЈЗУ Општа болница – Струмица, чија изградба почна пред речиси четири децении, се очекува целосно да биде ставено во функција од почетокот на септември. Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на болницата, до крајот на август треба да заврши последната фаза од доопремувањето на објектот.
Мицкоски посочи дека завршувањето на овој проект е дел од пошироките инфраструктурни планови во здравството, каде што фокусот е ставен на објекти што со години беа во застој.
– Очекуваме малото доопремување да заврши до крајот на август и, конечно, веќе од почетокот на септември објектот да биде целосно пуштен во употреба. Како Влада, наша задача е да ги испорачаме обврските дадени пред граѓаните. Сакаме да го завршиме сето она што е почнато за да поставиме линија во која насока ќе се движиме понатаму – изјави Мицкоски, пренесува МИА.
Тој информира дека е завршен и процесот за обезбедување меѓународно финансирање за повеќе капитални проекти во здравството, меѓу кои Клиничката болница во Штип, со новата зграда на Медицинскиот факултет и студентскиот дом, Клиничката болница во Тетово и здравствениот дом со проширена дејност во Кичево, а се развива и проект за нов клинички центар во Скопје. На инфраструктурен план, премиерот најави дека неделава ќе биде објавен тендер за физибилити-студија и проектно решение за експресен пат Радовиш – Струмица, кој во иднина треба да се поврзе со граничниот премин со Бугарија, како дел од Коридорот 8.

Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека зградата во Струмица ќе опслужува над 200.000 граѓани од овој регион. Регионализацијата на здравствениот систем, вели, останува клучна точка за раст на квалитетот на услугите.
– Веќе регионализацијата станува реалност. Ова ќе биде една од најмодерните регионални општи болници во овој дел, со услови во коишто пациентите ќе имаат третман компатибилен со европските услови во здравството, додека вработените ќе можат да работат во согласност со нашите протоколи. Во последна фаза сме и за Штип, Тетово и Кичево, каде што ќе се инвестираат над 205 милиони евра – рече Алиу.
Директорот на ЈЗУ Општа болница Струмица, Гоце Христов, се заблагодари за поддршката во модернизацијата и организациското екипирање на установата, појаснувајќи го новиот распоред на одделите.
– Извесен е веќе почетокот за ставање во функција на овој објект каде што е предвидено целокупниот хируршки блок од ЈЗУ Општа болница Струмица да се трансферира во таканареченото ново крило, а конзервативниот дел на медицината да остане во стариот дел на болницата – изјави Христов.
Тој додаде дека изминативе две години во болницата биле реализирани инвестиции во реновирање и набавка на нова медицинска опрема, а преку донации од општествено одговорни компании биле обезбедени дополнителни подобрувања за условите за лекување на пациентите од целиот југоисточен регион.


































