Фото: Пeкселс

Ве текот на оваа и на претходната учебна година од кумановските основни училишта се отпишале 319 ученици поради преселба во странство, а тоа, поради истата причина, го направиле и 72 средношколци, покажуваат податоците на општинскиот сектор за образование. Така, во овој период поради преселба во странство се отселиле 391 ученик.

Од почетокот на учебната година од кумановските основни училишта се отпишале 201 ученик и 34 од средните училишта, соопштија денеска од општинскиот сектор за образование. Во кумановските основни има вкупно 10.097 ученици и 4.126 во средните.

– Во учебната 2022/2023 година во општинските основни училишта, со состојба до 2 февруари 2023 година, се отпишани вкупно 201 ученик од вкупно 10.097 запишани ученици. Од отпишаните ученици, 37 ученици се отпишани поради преселба во друга општина, а 164 ученици се отпишани поради преселба во друга држава. Во учебната 2022/2023 година во општинските средни училишта се отпишани вкупно 34 ученик од 4.126 запишани ученици. Од отпишаните ученици, 16 ученици се отпишани поради преселба во друга општина, а 18 ученици се отпишани поради преселба во друга држава – информираат од секторот.

Ланската учебна година, состојбата била уште полоша покажуваат од секторот. Од основните се отпишале 220 ученика, од средните 60. Во училиштата тогаш имало над 10.000 основци и скоро 4.500 средношколци.

– Согласно добиените информации од основни училишта од Општина Куманово, во учебната 2021/2022 година во општинските основни училишта се отпишани вкупно 220 ученици од вкупно 10.209 запишани ученици. Од отпишаните ученици, 65 ученици се отпишани поради преселба во друга општина, а 155 ученици се отпишани поради преселба во друга држава. Согласно добиените информации од средни училишта од Општина Куманово, во учебната 2021/2022 година во четирите општински средни училишта се отпишани вкупно 60 ученици од вкупно 4.423 запишани ученици. Од отпишаните ученици, шест ученици се отпишани поради преселба во друга општина, а 54 ученици се отпишани поради преселба во друга држава – велат од секторот.

На последната седница, надлежните кажаа дека трендот на отселување не го одминува Куманово, иако е најголема општина во државата, а изразија и стравување за масовно отселување по најавите дека Германија ќе донесе ново олеснување на визниот режим и со тоа да дојде до дополнително иселување од градот.