Фото: З.А.

Во годината кога ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево одбележува 40 години од почетокот со работа, изработена е биста на патронот на ова училиште, што ја создаде поранешниот ученик од ова училиште, скулпторот Слободан Милошески.

– Со големо задоволство ја прифатив идејата да изработам биста на „Д-р Владимир Полежиноски“ наменета за истоименото основно училиште во Кичево. Еден од главните мотиви за да пристапам кон овој вајарски предизвик беше тоа што се работи за исклучително важна историска личност од нашиот град, која значително придонела во создавањето на нашата држава, создавач на асномските документи и учесник на Првото заседание на АСНОМ. Секако, треба да истакнам дека задоволството што ми припадна оваа чест го зголемуваше и фактот што јас основното образование го завршив токму во ова училиште – истакна авторот на бистата, Слободан Милошески.

Тој нагласи дека на оваа биста интензивно работел околу 20 дена, а покрај малиот обем на фотографски материјал за оваа личност, извршил студиозна анализа на формата на лицето што значително придонесо за изработка на ова скулптурално дело изработено од бел цемент.

На училишната управа е да одлучи дали бистата ќе биде поставена во дворот или во внатрешноста на училиштето. Полежиноски е првиот доктор на правни науки од земјава кој докторирал на „Сорбона“ во 1939 година. З.А.