Несериозно е ВМРО ДПМНЕ постојано да зборува за предвремени избори во време на
пандемија, во време на енергетска и економска криза. Избори ќе има, ама во 2004 година. Ова меѓу другото го изјави премиерот Димитар Ковачевски во Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање за предвремени избори. Според него несериозно е да се повторува да се оди на избори.

– Иако пред само една и пол година имаше избори, кога се дефинираше ново легитимно мнозинство што сега е проширено и брои 64, се зафатиме со сериозните предизвици за решавање на проблемите во државата. Избори ќе има, ама во 2004 година – рече Ковачевски.

Во однос на промените за изборниот законик, тој изјави дека сите треба да седнат и да разговараат.

– Изборниот зкаоник се носи со консензус. ВМРО ДПМНЕ излезе со предлог, но Алијанса има друг став. Процесот на моделот за избори ќе се утврди по работа во работни групи, за да се види како ќе изгледа тој процес. Инаку, СДСМ, а не ВМРО ДПМНЕ ги поддржа малите политички партиии кои бараат една изборна единица – истакна Ковачевски во Прилеп. Ка.М.


Дејан Проданоски

ВМРО-ДПМНЕ му посочи на Ковачевски да научи што е ред и домаќинлук

Денес со ароганција, Димитар Ковачевски дојде во Прилеп за да се прошета, покажувајќи дека е ист како неговиот претходник Заев, човекот што го постави за премиер, без да ја добие довербата од граѓаните. Можеби и заради тоа смета дека не треба да има почит кон нив. Прилеп е град во кој, кога ВМРО-ДПМНЕ е на чело, се почитуваат редот и домаќинлукот. А, Ковачевски, очигледно не го знае
тоа, ниту пак знае правила и закони. Ова го посчи на денешната прес-конференција Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО – Прилеп.

Според Проданоски, Ковачевски дошол во Прилеп, прекокнувајќи го градоначалникот и ЛС.

– Вие и вашиот тим, се одликувате и со незнаење. Децентрализацијата во Македонија е започната пред повеќе од 17 години и со неа училиштата се во надлежност на
Локалната самоуправа, т.е. во случајов одговорен и надлежен е Градоначалникот во Прилеп. И Вие денес сте решиле да ја избегнете Локалната самоуправа, сте решиле да избегнете средба со градоначалниот на Прилеп, немајќи храброст да се
сретнете и поразговарате за проблемите не само во образованието, туку и во земјоделието, за проблемите на дуќанџиите, итн. Вашето незнаење доведе до енергетска криза во Македонија, па не само нашава општина, туку и сите други ќе треба по две третини од буџетот да даваат за плаќање на ненормално високите сметки за струја и сигурно за здравствената криза од која Прилеп е еден од најпогодените
градови во Македонија. Ако имавте храброст да се сретнеме немаше да изоставиме да Ви кажеме оти денес сте во Прилеп, градот народен херој, градот во кој пукнала првата пушка против бугарскиот фашистички окупатор. И денес, кога секој човек знае дека сте на оваа функција само за да ја избришете македонската историја, ние прилепчани ви порачуваме – На крај памет да не ви оди да влегувате во таква авантура! Оваа реченица секојдневно нека ви одѕвонува во главата – рече Проданоски на прес-конференцијата, при тоа посочувајќи дека во Прилеп биле поразени политиките на СДСМ и дека Ковачевски треба да научи закони и надележности. Ка.М.