Познатиот британски магазин „Њу мјузикал експрес“ го номинира „Егзит“ за најдобар фестивал во светот, соопшти дирекцијата на познатиот музички фестивал од Нови Сад, Србија.
Британскиот магазин е еден од најугледните светски медиуми, со традиција долга 70 години, а покрива теми од областа на музиката, филмот и културата.
Наградите НМЕ што ги доделува магазинот се воспоставени една година по основањето на брендот, а во текот на историјата меѓу добитниците биле: Елвис Присли, Дејвид Боуви, Пол Велер, Клиф Ричард, „Артистик манкис“, „Мјус“, Мориси, „Оезис“, „Битлси… и многу други. Свеченото 69-то доделување на наградите ќе се случи на 2 март, во салата „О2 академи Брикстон“ во Лондон.
„Егзит“ досега двапати е прогласен за најдобар европски фестивал, како и за најдобар надвор од границите на Велика Британија. Голем број угледни светски медиуми, како „Гардијан“, „Њујорк тајмс“, Си-ен-ен, Би-би-си го вброиле фестивалот во најдобрите манифестации во светот.
А за 21-то издание на „Егзит“, кое ќе се одржи од 7 до 10 јуни годинава, на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, првите потврдени „хедлајнери“ се Ник Кејв и неговите „Д бед сидс“, еден од најоригиналните и највлијателни бендови во светот, и Борис Брејча, миленикот на публиката во регионот, додека новите имиња ќе бидат соопштени наскоро.