Фото: Музеј-галерија во Кавадарци

Изложба на необјавени портрети на македонски револуционери во Кавадарци
„Лица на револуцијата : Внатрешно Македонска Револуционерна Организација низ фотографии, 1893- 1934“ е насловот на ова несекојдневна историска изложба која вчера беше отворена во музеј галеријата во Кавадарци. Станува збор за револуционерно истражување на едно клучно поглавје во македонската историја, со досега необјавени фотографии од илинденската епопеја, кои екслузивнo се откриваат пред јавноста за прв пат. Во основа во оваа изложба лежи една цела ризница на ретки и невидени фотографии педантно собрани во текот на една цела деценија од колекционерите Диме Ратајковски и Душко Апостолски. Нивната страст за историјата и фотографијата, заедно со пасионираната потрага по историски артефакти кулминира токму со оваа изложба која несомнено ќе остави траен белег и кај македонската и кај меѓународната публика, како и меѓу научната јавност која го проучува периодотна револуционерното движење и борбата за слобода на македонскиот народ.
Изложбата „ Лица на Револуцијата“ одбележува три значајни јубилеи, од кои секој е клучен и значаен за македонското ослободително движее: 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од соновањето на Внатрешната Револуционерна организација.
Она што ја издвојува оваа изложба е екслузивноста по однос на понудениот фотографски материјал пред публиката, внимателно селектирани и врамени 40 фотографии кои ги доловуваат лицата и приказните на дел од македонските револуционери кои одиграле клучна улога во обликувањето на македонското револуционерно движење. Од предилинденскиот период, преку Илинденското востание до постилинденската ера ( 1893-1934) овие фотографии ги оживуваат личностите и историските настани кои ја дефинираат македонската борба за слобода.
Освен портрети на револуционерни икони како Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Христо Батанџиев, Христо Чернопеев и други , изложбата содржи фотографии кои го документираат учеството на македонските револуционери во Балканските војни 1912/13, Првата светска војна 1915/18 како и портрети од меѓувоениот период.Изложбата ја нуди единствената можност да се погледнат и доживеат оригинални фотографии, индивидуални и групни портрети кои прикажуваат револуционери од различни движења и струи во рамките на македонското револуционерно движење.
Отворањето на изложбата во Кавадарци беше збогатено со рецитал во изведба на учениците од гимназијата„Добри Даскалов“ под менторство на професорката Васка Петкова, музичка точка во изведба на ученици од ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ додека свое обраќање имаа директорот на музеј галеријата Јаким Зимоски , Зоран Љутков , Зоран Пејковски и авторот Душко Апостолски . Честа изложбата да ја прогласи за отворена ја имаше претседателот на советот на општина Кавадарци Стојанче Рамов.

Фото: Музеј-галерија во Кавадарци
Фото: Музеј-галерија во Кавадарци
Фото: Музеј-галерија во Кавадарци