фото: Зоран Антоски

Група кичевски планинари и почитувачи на ликот и делото на прерано починатиот претседател на Планинарско-спелеолошкото друштво „Бистра“ од Кичево, денеска го реализираа четвртиот меморијал „Сашо Божиноски“. Кичевските планинари ја посетија месноста Кадроец на источните падини на Бистра, каде што на еден простор меѓу кичевските планинари познат како „Собата“, се наоѓа спомен-плочата поставена 2021 година во негова чест и кога беше реализиран и првиот меморијал.

– Денеска група планинари од Кичево и почитувачи на животот и делото на прерано починатиот планинар и спелеолог Сашо Божиноски го реализиравме четвртиот меморијал „Сашо Божиноски“, кога и покрај неповолните временски услови проследени со силен дожд, одлучивме да ја посетиме месноста Кадроец и да му одадеме почит на долгогодишниот колега и пријател. При оваа посета на неговото омилено место каде покојниот Сашо често престојуваше и како тој популарно го нарекуваше „Собата“ пред три години беше поставена и спомен-плоча во негова чест -истакна неговиот прв соработник и колега, Зоран Јованоски.

фото: Зоран Антоски

Тој потсети дека од денешниот меморијал била упатена отворена покана до сите планинарски друштва во земјава, наредната година во последниот викенд од месец мај кога ќе биде реализиран петтиот јубилеен меморијал и тие да земат учество на истиот, бидејќи покојниот Сашо и ПСД „Бистра“ од Кичево беа редовни учесници речиси на сите планинарски маршеви и на овој начин посакуваат македонските планинари да му возвратат на некогашниот нивни колега.

З.А.