ВЕЛЕС

Со музички настан на „Аренби Неиборс“ и групата „ДНК“, на езерото Младост беше промовирано инклузивното игралиште „Парк на срцата“. Игралиштето е дел од проектот „Инклузивен смарт туризам – рекреативни содржини и услуги за еднаков пристап до туристичката атракција езеро Младост“, кој го реализираат Центарот за развој на вардарскиот плански регион и Општина Велес, а е финансиран од швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и Општина Велес.
– Рекреативните содржини што ги нуди просторот на езерото Младост, вклучувајќи ги и сите содржини што се дел од проектот „Смарт езеро Младост – прва туристичка дестинација во Македонија“, сега стануваат достапни за сите посетители, вклучувајќи и за посетителите со ограничена мобилност и попречености. Инклузивниот паметен туризам претставува подобрување на пристапноста и развој на инклузивноста преку воведување нови рекреативни содржини и услуги и нивно интегрирање со постојните содржини во туристичката атракција, за да се овозможи еднаков пристап за сите домашни и странски посетители.

Инклузивното игралиште „Парк на срцата“ не е само обичен парк што ќе го ползуваат нашите најмлади сограѓани, туку тоа значи подигнување на свеста кај сите граѓани дека и лицата со попречености треба да добијат можност и да се третираат еднакво, со што го добиваат правото да функционираат во заедницата исто како и другите граѓани – рече градоначалникот Коцевски.
Во рамките на проектот се набавени и реквизити за обезбедување пристап до плажа и вода, со што создаваме можности за квалитетен живот и за лицата со попречености, за што сме особено горди. Ова е голем исчекор напред во насока на социјална инклузија и создавање еднакви можности за сите, преку развој на нови содржини и за посетителите со ограничена мобилност и попречености.