Фото: Зоран Антоски

Манастирот „Свети Ѓорѓија Победоносец“ или кај верниците попознат како Кнежински манастир, денес го одбележа својот патрој Свети Ѓорѓија, обнароден како Ѓурѓовден. Одбележувањето на својот патрон во манастирот започна синоќа со вечерната литургија, која  беше отслужена од страна на тројца свештеници од кичевското архиерејско намесништво и на која присуствуваше помала група верници, во согласност со мерките пропишани од страна Владата, за да нема помасовни собири  во време на ковид-19.

Во текот на претпладнето во манастирската црква беше отслужена утрена литургија од страна на свештеникот од кичевската црква, Ристе Камбуроски. Во рамките на одбележувањето беше извршено традиционалното примопредавање на кумството од досегашниот кум, Орце Богданоски, на новиот кум Станко Китаноски, кој беше презадоволен што како жител на село Кнежино, во наредните 12 месеци ќе му служи на манастирот и на верниците, што ќе го посетуваат овој голем храм на христијанството.

– Со превземањето на кумството од моја страна, сметам дека ќе започне една нова традиција со која манастирот ќе се препознава и по селото. Во овие 12 месеци ќе се погрижам да му служам на манастирот и на верниците како што доликува на еден верник – рече новиот кум, Станко Китаноски.

За присутните на ова одбележување во новоизградениот конак беше служен манастирски ручек.

Инаку, манастирот „Свети Ѓорѓија Победоносец“ датира од 13-от век, тој низ вековите бил рушен и пален а новата манастирска црква почна да се гради во 1999 година, истата е осветена во 2007 година. Во меѓувреме во манастирскиот комплекс се изградени и нови конаци.