Фото: Маја Јаневска-Илиева

БЕРОВО

Општинските власти во Берово ги известуваат граѓаните дека се подготвуваат предлог-програмите за работа на општината во 2021 година, кои на седница на совет ќе бидат дадени за усвојување на почетокот на декември. Градоначалникот Звонко Пекевски ги повикува граѓаните да дадат свои предлози за тоа како да се троши општинскиот буџет.
– Поради настанатата состојба со пандемијата на ковид-19, оваа година нема да организираме средби со граѓаните, преставниците на месните заедници и форуми во заедницата, собири што со години се вообичаена практика пред донесувањето на буџетот на општината. Поради тие причини, а во интерес на зачувување на сопственото и колективното здравје, ги повикуваме сите граѓани, граѓански организации, преставници на бизнис-заедницата, месни заедници и сите заинтересирани да дадат свој предлог за реализација, кој сметаат дека е приоритетен да биде реализиран во општината Берово – вели Пекевски.
Заинтересираните може да го сторат тоа во соодветна писмена или електронска форма на [email protected], најдоцна до 16 ноември, со што ќе дадат свој придонес во донесувањето на одлуките на локално ниво.

– Проектите ќе поминат низ соодветен процес на селекција, заради согледување на можноста за реализација, од имотноправен и урбанистички аспект, по што прифатливите проекти ќе бидат дадени на онлајн гласање, по што некои од нив, за кои вие граѓаните ќе одлучите дека се приоритет, ќе бидат соодветно вметнати за реализација во програмите и буџетот на Општина Берово за 2021 година – додава градоначалникот.
Освен Берово, и Општина Дојран ги повика своите граѓани да дадат свои предлози за трошење на буџетските пари, со пополнување формулар што го има на веб-страницата на општината. Секој заинтересиран може да одбере област во која смета дека треба да се инвестира и може да даде конкретна идеја. Дали предлозите на граѓаните и на организациите ќе се земат предвид и ќе се реализираат, останува да видиме. Општинските буџети за наредната календарска година се усвојуваат во декември. А.П.