Бугарските политики од минатото сега го доживуваат своето финале, бидејќи официјална Софија знае дека по влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ повеќе нема да може да ја спроведува својата асимилаторска политика, а уште помалку да го оствари сонот за санстефанска Бугарија

Она што Бугарија не успеа со воена сила,
сега го прави со „дипломатски геноцид“

Бугарската блокада на пристапните преговори на Македонија со неразбирливите условувања од страна на официјална Софија дека рампата кон ЕУ ќе ја кренат само ако Македонците го признаат своето бугарско потекло, во ниту еден дел не се разликува од бугарската позиција низ историјата, чија единствена цел била и продолжува да биде остварување на сонот за санстефанска Бугарија преку денационализирање и асимилирање на македонското население.
Потврда за ваквата теза доаѓа и од самата бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која неодамна изјави дека е зачудена зошто луѓето во Македонија се изненадени од нешто што Бугарија константно го барала и во минатото.
– Нашите услови не се сменети повеќе години. Мене ме чуди дека тоа е нешто ново за вас – ја појаснува Захариева одлуката на Бугарија за блокада на македонските евроинтеграции.
Но кога Захариева вели дека нивните услови не се сменети повеќе години, очигледно е дека не мисли на неколку години или децении, туку многу поверојатно на повеќе од еден век, односно од самото формирање на бугарската држава, што се случи благодарение на Русија.

Конзистентна вековна бугарска политика

Од тој момент почнува големобугарската идеја, преку асимилирање на преостанатото население, кое во тој период немало можност да добие сопствена национална држава, па било принудено да се изјаснува дека има бугарско потекло. Така и може да се објасни декларирањето на многу македонски дејци од 19 век и како Македонци и како Бугари, бидејќи едноставно немајќи своја држава, не можеле да ја изразат својата националност.
Истото тоа се случуваше и за време на Балканските војни, во кои Македонија била пленот на соседните држави, а асилиматорските политики начин да се избрише постоењето на еден цел народ.
Бугарија ова го спроведуваше и за време на Втората светска војна, кога како сојузник на фашистичка Германија доби во владение добар дел од Македонија, каде што повторно насилно ја спроведуваше асимилаторската политика и ѕверски се пресметуваше со сите оние што се декларираа како Македонци.
Единствена светла точка во односите меѓу Бугарија и Македонија е периодот од 1946 до 1949 година, кога функцијата бугарски премиер ја извршува Георги Димитров, кој бил и првиот бугарски политичар што го признал постоењето на македонска националност и македонско малцинство во таа земја. Токму поради тие причини Димитров во Бугарија се доживува како предавник на националната кауза.
По смртта на Димитров, следните бугарски политичари, на чело со Тодор Живков, го почнуваат процесот за целосно негирање на постоењето на македонската нација, историски рецидиви што се отсликуваат и во актуелната бугарска политика кон Македонија.

Бугарска стратегија во независна Македонија

Бугарија се фали дека прва ја призна македонската независност во 1991 година, без да признае постоење на македонски народ, со единствена цел да го елиминира српското влијание на овие простори и полесно да ги спроведе асимилаторските политики, но истовремено да спречи секаква манифестација на постоење на македонско малцинство на својата територија, што би ја нарушило тезата за етнички хомогена држава.
Не можејќи тоа сега да го направи со воена присила, Бугарија користејќи ги постојаните блокади во кои се наоѓаше кревката македонска држава од југ и север, почнува политика на поедноставено издавање пасоши за македонските граѓани, кои погодени од тешката економска состојба прифаќаат да признаат бугарско потекло само за да се стекнат со патна исправа со која ќе можат полесно да патуваат во Европа.
Овие бугарски политики сега го доживуваат своето финале, бидејќи официјална Софија знае дека по влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ повеќе нема да може да ја спроведува својата асимилаторска политика, а уште помалку да го оствари сонот за санстефанска Бугарија. Згора на тоа, ако го признае постоењето на македонскиот народ, ќе мора да се соочи и со пресудите на меѓународните судови, кои бараат Софија да му овозможи на македонското малцинство во таа земја формирање на здруженија.
Од тие причини се сегашната блокада и ангажманот на сета бугарска дипломатија, која, без оглед колку во Македонија да се мисли дека Бугарија е неразбрана од своите европски партнери, сепак успева да ја спроведе својата агенда и да ја стави земјава во позиција „прифати или остави“, односно „биди Бугарин или заборави на Европа“.

Бугарското вето закана за проширувањето на ЕУ

Сето тоа се случува со амин на ЕУ, која ако во следниот период не најде механизам како да спречи вакви блокади, тогаш во иднина ќе мора да заборави на проширувањето на Балканот.
– Сè уште постои бугарско вето за почеток на пристапни преговори со Македонија доколку не добијат решавање на некои историски прашања како што тие посакуваат. Доколку ова стане норма, можеме сите да заборавиме на какво било пристапување на балканска земја во наредните генерации – вели во најновата објава на Твитер шведскиот политичар Карл Билт.
Како и да е, бугарската дипломатија сепак успешно ја менаџира ситуацијата и ветото е повеќе од извесно. Ако по некое чудо и дојде до првата меѓувладина седница меѓу Македонија и ЕУ во декември, тогаш бугарското вето ќе виси над секое поглавје во преговорите, а уцените ќе бидат уште поголеми.
– Во ова што сега го истакнуваат водечките бугарски политичари, за „бугарскиот праисход на Македонците“, мислам дека тие самите веруваат, а верува веројатно и мнозинството од бугарското население. Малцински се гласовите, би рекле, на разумот таму – кои гледаат на проблемот повеќе или целосно како нас или, пак, имаат разбирање за нашиот поглед на работите – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Тој додава дека деновиве излегуваат и други такви сведоштва на темава, како од нивниот цар (или престолонаследник во тоа време) Фердинанд на почетокот на 20 век, па до Георги Димитров, чија политика кон Македонија е напуштена во раните 60-ти години на минатиот век, па преку политиките на Тодор Живков, кои го формулираат новиот однос на бугарската држава кон македонското прашање.
– На тие постулати се базира целава актуелна бугарска тирада, што си е, пак, посебна иронија на судбината, ликови како Ковачев или Џамбаски (а секако и Каракачнов или тој што допрва ќе го видиме – Славеј Трифонов) да ни попуваат дека сме творба на југословенските комунисти (и Тито), а тоа е целосно базирано на тезите и теориите на нивните комунисти од тоа време – истакнува Кржаловски.

Според него, основа на проблемот и целата оваа дипломатска активност, како и таа на Грците сите овие 30 години, е стравот од македонското малцинство во нивните земји.
– Стравот е од „распрснувањето на митот“ за хомогеноста на нивните народи (што е нонсенс само по себе, особено во овие времиња, 75 години по Втората светска војна, кога последен пат концептот за „чисти нации“ беше „на голема сцена“ со нацистите и фашистите, а патем и секоја година се констатира дека не е така ни во Бугарија ни во Грција, во извештаите на американскиот Стејт департмент за човекови права) и соочувањето со фактите и реалноста дека и кај двете државни сепак има луѓе што не се чувствуваат ниту како Грци ниту како Бугари…, како што со децении веќе се обидуваат да им објаснат ОМО Илинден и Виножито. Стравот е дека со признавањето на македонско малцинство, колку и да е сега мало тоа кај нив, ќе се отвори патот за (по)слободно изјаснување на луѓето таму што се и со тоа пат за некоја друга „историска вистина“, многу поинаква од таа што тие ја пропагираат повеќе од сто години – смета Кржаловски.

Тој уште додава дека тоа би отворило и многу други прашања, како на пример имотните права на раселените лица од тие простори, или – колку навистина има Македонци во Бугарија и во Грција.
– Често во вакви случаи најгласни „бранители“ на националниот мит се всушност тие лица што се или несигурни во својот личен идентитет или поминале некоја своја „криза на идентитетот“ и откако се определиле за „вистинската страна“, со посебен жар се обидуваат да докажат дека тие се вистинските (во случајов Бугари). Не би се изненадил да се испостави во следниве години дека повеќето од гореспоменатите бугарски политичари се всушност со македонски потекло (или целосно Македонци), што толку жестоко се прават поголеми Бугари од Бугарите – појаснува Кржаловски.