фото: Зоран Антоски

Поголема група доброволци од Кичево, беа вклучени во косидбата за средување на манастирскиот двор во „Свети Ѓорѓија“ во близина на село Кнежино, Кичевско. Доброволците на сите површини во кругот на манастирот ја покосија тревата, ја собраа и дислоцираа, за да може да расте нова трева, а опкружувањето на овој манастир го промени својот изглед.

Со моторни косилки и со класични коси, доброволците го разубавија изгледот на манастирскиот двор, каде во текот на летото престојуваат поголем број верници од сите градови во земјава, а тука се наоѓаат и трите свети води. 

– Благодарение на поголема група на доброволци-верници, на целото двориште од манастирот е покосена тревата. Бидејќи тревата беше доста висока, а манастирскиот двор простран, младите доброволци мораше да вложат голем напор за да го средат овој простор. Покрај тоа што беше покосена тревата, учесниците во оваа косидба ја собраа покосената трева и ја дислоцираа од манастирските ливади. Оваа косидба секоја година се спроведува кон крајот на мај и почетокот на јуни. Манастирското двориште бара поголем ангажман во текот на целата година, бидејќи е многу пространо. а цвеќињата што се засадени пролетва пред манастирската црква, треба редовно да се наводнуваат за да не се исушат и да го задржат сегашниот изглед. Впрочем во и околу манастирот, во текот на целата година има што да се работи – вели сестра Софија, старешинка на манастирот„ Свети Ѓорѓија Победоносец“ во село Кнежино.

Слична косидба секоја година се организира и во вториот манастир во кичевијата, манастирот „Света Пречиста Богородица“, каде како и во „Свети Ѓорѓија“ доброволци го средуваат манастирскиот двор, а манастирот поседува и свој добиток и пчеларници, каде секоја година се добива првокласно сирење и првокласен манастирски мед.

З.А.