Фото: Фрипик

Занимливости

Кога нешто сакаме да пофалиме или кога сакаме да искажеме восхит, ние аплаудираме. Аплаудирањето е еден од најстарите и најраспространети начини на кои луѓето покажуваат одобрување, благодарност, восхит, радост или поддршка. Точното потекло на аплаудирањето не може да се утврди, бидејќи станува збор за многу стар човечки гест. Удирањето со дланки веројатно природно се појавило како начин да се произведе звук за да се привлече внимание или да се изрази заедничка емоција. Во Античка Грција и Рим, аплаузот веќе бил важен дел од јавните настапи и театарот. Публиката со ракоплескање покажувала дали ѝ се допаѓа изведбата.
Со развојот на европскиот театар, аплаузот станал своевиден непишан разговор меѓу публиката и изведувачите. Публиката може да аплаудира на почетокот или на крајот на претставата, по особено впечатлива сцена, по монолог или музички настап, како благодарност кон актерите. Интересно е што долгото траење на аплаузот често се доживува како знак дека публиката сака изведувачите повторно да излезат на сцена. Оттаму доаѓа и традицијата на поклонување пред публиката.
Кај класичната музика постои една интересна традиција. Публиката вообичаено не аплаудира меѓу сите делови на едно дело, туку чека музичката целина да заврши. Тоа не било секогаш така. Во минатото публиката била многу побурна и интерактивна. На концертите можело да има аплаузи, извици, разговори, па дури и барања музичарот да повтори одреден дел.
Според Гинисовата книга на рекорди, најдолгиот аплауз траел три часа, шеснаесет минути и една секунда. Тоа се случило на 30 јули 2023 година во Кампала, Уганда. Учествувале 926 луѓе, кои аплаудирале непрекинато со звук од над 80 децибели. Кога некој ќе престанел да ракоплеска бил отстрануван од групата, а кога некој ќе ожеднел член на организацијата му давал вода, без жедниот да престане да плеска со рацете. Организаторите сакале преку аплаузот да испратат порака за благодарност и радост и покрај тешкотиите во животот.
Пред овој рекорд, познати биле и неколку спектакуларно долги аплаузи за уметници. На 30 јуни 1991 година, по изведбата на Вердиевиот „Отело“ во Виенската државна опера, Пласидо Доминго добил аплауз што, според податоците објавени од Гинис, траел 1 час и 20 минути, со дури 101 излегување пред публиката.
Друг фасцинантен пример е аплаузот во чест на светски познатиот оперски пејач Лучано Павароти. На 24 февруари 1988 година, по изведбата на „Љубовниот еликсир“ во Берлин, тој имал 165 излегувања пред публиката, а аплаузот траел 1 час и 7 минути. Гинис го наведува ова како рекорд за најмногу бисови. Тоа значи дека публиката не само што аплаудирала туку и 165 пати го повикувала пејачот повторно да излезе на сцената.
Ние им даваме громогласен аплауз на сите талентирани, креативни и вредни ученици, секогаш сме на нивна страна и продолжуваме да пишуваме за нив.

Извор: Википедија