Улогата на ОН на тест на Генералното собрание во Њујорк
- Речиси 130 шефа на држави неделава ќе учествуваат на Генералното собрание на кое ќе се дебатира за воените конфликти на Блискиот Исток и во Украина, додека ОН се соочуваат со финансиска криза, притисок за реформи и неизвесност околу идното раководство
Светските лидери неделава се собираат во Њујорк, САД, за 81-та сесија на Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), во очекување на повторно појавување на американскиот претседател Доналд Трамп на говорницата втора година едноподруго, при што разговорите ќе се фокусираат на конфликтите на Блискиот Исток и во Украина, како и на ризиците поврзани со вештачката интелигенција, објавуваат светските медиуми.
Речиси 130 шефа на држави ќе учествуваат на собирот во време кога поредокот воспоставен по Втората светска војна е под притисок, а самите ОН се борат да ја задржат својата релевантност и се соочуваат со критики од претседателот Трамп, кој драстично ги намали американските придонеси и се повлече од десетици тела на ОН. Предвидено е учество и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во рамките на неговата работна посета на САД.
Кинескиот лидер Си Џинпинг, кој последен пат се обрати на овој дипломатски собир преку видеоврска во 2021 година, нема да дојде во Њујорк, туку ќе одржи директни разговори со Трамп во Вашингтон в четврток, што поттикнува дебата за релевантноста на ОН во справувањето со глобалните кризи.
Кризата на моралот и финансиите е дополнително усложнета со прашањата околу идниот лидер на организацијата стара 80 години, бидејќи мандатот на генералниот секретар Антонио Гутереш завршува на крајот на годинава, а засега нема јасен фаворит во трката за негов наследник. Советот за безбедност на ОН, кој има 15 членки, се очекува да одржи состаноци на високо ниво посветени на Украина, вештачката интелигенција и Блискиот Исток, вклучително и разговори со арапските лидери, според дипломатски извори на „Ројтерс“.
– Повеќе од една година по почетокот на вториот мандат на претседателот Трамп, веќе не би рекле дека ОН се во слободен пад, туку дека се заглавени во криза без јасен крај – изјави Ричард Гован од Меѓународната кризна група.
САД избегнаа губење на правото на глас во Собранието со тоа што неделава уплатија 725 милиони долари придонес во редовниот буџет, но сепак ѝ должат на организацијата повеќе од една милијарда долари и постојано бараат кратења и реформи.
ТРАМП ГО ОЧЕКУВААТ НИЗА БИЛАТЕРАЛНИ СРЕДБИ
Дводневното присуство на американскиот претседател Доналд Трамп на Генералното собрание на Обединетите нации ќе опфати низа билатерални средби и настани со светски политички претставници, меѓу кои се лидерите на Украина и Обединетото Кралство, како и градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани. Украинскиот претседател Зеленски во неделата преку објава на социјалните мрежи соопшти дека тој и американскиот претседател се договориле да се сретнат во Њујорк.
– Претседателот ќе истакне како тој и неговата администрација директно се справувале со сложени проблеми низ светот. Тој ќе се осврне и на важноста да се осигури дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје – изјави американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц.
РИЗИЦИТЕ ОД ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА МЕЃУ ГЛАВНИТЕ ТЕМИ
Собранието се состанува откако неколкумина лидери од индустријата за вештачка интелигенција повикаа на координирано забавување на развојот на оваа технологија, предупредувајќи дека таа наскоро би можела сама да се усовршува и да излезе од човечка контрола.
Гутереш изјави дека вештачката интелигенција ќе биде главна тема, додавајќи дека земјите што ги поместуваат нејзините граници треба да воспостават „заеднички заштитни механизми за да се избегне оваа трка, која еден ден би можела да доведе до огромна катастрофа на глобално ниво“.
Генералниот секретар подолго време се залага за глобално управување со вештачката интелигенција. Во 2023 година, ОН формираа советодавно тело за оваа технологија, во кое членуваат раководители од технолошкиот сектор, владини претставници и академици.
Ова предупредување доведе до несогласување меѓу Гутереш и Трамп, кој ги отфрли ризиците од вештачката интелигенција како „измама“, тврдејќи дека постои „болна заговорничка теорија“ против модерната технологија.
Се очекува извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, да го брифира Советот за безбедност на ОН за состојбата во индустријата за вештачка интелигенција.
ВОЕНИТЕ КОНФЛИКТИ НА ДНЕВНИОТ РЕД
Блискиот Исток повторно ќе биде во фокусот на дискусиите, бидејќи војната меѓу САД и Израел против Иран продолжува да ја поттикнува глобалната инфлација и да го дестабилизира регионот. Неодамнешните воени успеси на бунтовниците Хути го загрозуваат поморскиот сообраќај во виталниот теснец Баб ел Мандеб и би можеле дополнително да ги зголемат цените на енергентите.
– Многу е тешко да се најде воено решение за тој проблем, а искуството од борбите во Јемен покажа колку е сложено да се спроведат успешни интервенции – рече Гутереш, додавајќи дека специјалниот пратеник на ОН за Јемен вложува „огромни напори“ за унапредување на преговорите.
Сепак, мировните преговори остануваат во застој додека Иран и САД продолжуваат да војуваат. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан треба утре да се обрати пред собранието на ОН, а ден по него се очекува обраќање на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас втора година по ред нема лично да присуствува на собирот, откако САД повторно одбија да му издадат виза. Во четвртокот, Генералното собрание гласаше да му се дозволи на Абас да се обрати преку видеоврска.
Предвидено е одржување состанок на високо ниво за конфликтот во Судан на маргините на собирот, иако не се очекува да дојде до дипломатски пробив.
На дневниот ред е и војната во Украина, која трае повеќе од четири години, при што Советот за безбедност на ОН досега не успеа да преземе мерки за ставање крај на конфликтот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе се обратат на Генералното собрание. Генералниот секретар на ОН, Гутереш, пак, го истакна влијанието што војната го има врз цивилите, но и врз безбедноста на храната и цените на енергентите.
– Ефективната блокада што постои во Црно Море создава огромни проблеми, кои се надоврзуваат на проблемите предизвикани од кризата на Блискиот Исток, и сметам дека би било многу важно да се најде начин да се овозможи украинскиот и рускиот извоз на храна, ѓубрива и енергенти да се одвиваат безбедно преку Црно Море – рече Гутереш. Р.С.


































