Фото: МИА

„Насилството не е оправдано“, „За да не ги браните ќерките, едуцирајте ги синовите“, „Не ме пипај“ и „Не значи, значи не“, „Ниедна девојка не „го бара““, „Солидарност со Приштина“ беа дел од транспарентите кои група граѓани денеска ги истакна на плоштадот Скендербег во Скопје, во знак на протест против насилството врз жените и девојчињата откако пред три дена во парк во Приштина пет лица околу седум часа силувале 11-годишно девојче.

Организаторите на протестот во Скопје порачаа дека денеска протестираат против насилството што се случува, и порачаа до институциите да преземат мерки со цел спречување на слични дела во иднина. Тие истакнаа дека секој од нас е потенцијална жртва и токму затоа треба преку солидарност, едукација и поддршка сите да се едуцираат и информираат.

На плоштадот „Мајка Тереза“ се собраа стотици граѓани, главно жени и девојчиња, меѓу нив и познати имиња од областа на музиката и уметноста, како Фифи, Беатрикс Рамосај, Афрдита Дрешај, Моника Љубоња и Еви Речи, кои носеа маички со натпис „Кој има ќерка, го има светот“.

Илјадници луѓе се собраа денеска и во Приштина на протест што го организираше невладината организација „Колектив за феминистичка мисла и дејствување“, а вечерва и во Тирана се одржа мирен протест по мотото „Стоп на молкот“ во знак на осуда на насилството врз жените и девојчињата.

По маршот низ центарот на Приштина, учесниците на протестот застанаа пред зградата на косовската Влада, каде фрлија црвена боја на влезната врата. Потоа седнаа пред влезот извикувајќи слогани против насилството врз жените. Црвена боја беше фрлена и на влезната врата на Министерството за правда на Косово и на зградата на Судскиот и обвинителскиот совет на Косово.

Пораките испратени од Тирана се во насока на поддршка на косовската организација за феминистичко дејствување, која организира протести во Приштина, како и до властите и институциите.

Во врска со овој случај, уапсени се пет машки лица, од кои на четворица им е изречена казна едномесечен притвор, додека, на петтиот се очекува денеска да му биде изречена казна. Меѓу уапсените има и тројца малолетници.

Во меѓувреме, како што соопшти министерот за внатрешни работи на Приштина, Џелал Свечла, директорот на тамошната полиција, Самедин Мехмети, поднел оставка од функцијата поради случај на силување.