Фото: МИА

Група граѓани со транспаренти „Слобода за Палестина“ денеска се собраа на протест којшто се одржа пред Мурат Пашината Џамија во Старата скопска чаршија. Тие побараа „да престанат нападите во Палестина“.

Според најавите, протест „за поддршка на палестинскиот народ“, беше организиран од страна на неколку здруженија кои својата дејност ја вршле во земјава и кои за таа цел формирале Платформа.

Емин Хусрев – претседател на здружението „Копру“, на протестот рече дека во нападите во последните дванаесет дена се таргетирале цивили, меѓу кои значаен дел жени и деца.

-Нападите кулминираа со бомбардирањето на баптистичната болница Ал Ахли, акт кој е неприфатлив за човештвото – рече Хусрев.

На 17 октомври се случи експлозијата во болница во Газа во која загинаа стотици луѓе. Палестинските власти го обвинуваат Израел, но израелската армија објави дека податоците што ги собрала укажале дека експлозијата била предизвикана од лошо испукана ракета од палестинската организација Исламски Џихад.
Според здравствените власти на Газа, болницата „Ал-Ахли“ на 17 октомври била преполна со ранети лица и други Палестинци кои барале засолниште, при што загинале стотици луѓе.

Стотици мртви и повредени има во борбите кои почнаа откако милитантите на Хамас започнаа напад врз Израел на 7 октомври. Тогаш десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот започна да гаѓа цели на Хамас во Газа.

Хусрев на денешниот протест во Скопје побара нападите да престанат нагласувајќи дека „не може да се остане нем за она што се случува“, бидејќи до денес имало над 3.500 жртви.