Фото: Игор Бансколиев

Делегација на Српската православна црква, предводена од неговата светост, српскиот патријарх г.г. Порфириј, изминативе два дена беше во посета на Охрид и дебарско-кичевската епархија. Во негова чест, завчеравечер во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта беше отслужена Доксологија-Славословие, а вчера во придружба на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, митрополитот Тимотеј и духовни великодостојници од Српската и Македонската православна црква, патријархот Порфириј ги посети храмот „Св. Богородица Перивлепта“, Галеријата на икони и други цркви и културно-историски споменици во Охрид.

– Гледајќи ги светилиштата во Охридско-Струшкиот Регион, сфативме дека на луѓето тука најважно од сѐ им било да ја чуваат својата православна христијанска вера, но не само да ја чуваат туку и да живеат со православната вера, по Евангелието – истакна српскиот патријарх Порфириј по посетата на храмот „Св. Богородица Перивлепта“ и Галеријата на икони во Охрид.

Црквата, како што додаде тој, дава можност да разбереме дека сме создадени за вечноста и дека љубовта е темел на нашето постоење како што говори Светото евангелие.

Кога Евангелието говори за ближниот, не го подразбира само оној што е покрај нас, ги подразбира и сите други луѓе. Радост и благослов е што можеме да им се поклониме на овие светии и да се помолиме за спасение на целиот свет, за мир во светот и меѓусебно разбирање, секој да го најде своето место под сонцето – порача од Охрид српскиот патријарх Порфириј.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ ѝ претходеа заеднички архијерејски литургии на помирување, кои се одржаа во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград и во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со што беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.