Фото: МИА

Американската амбасадорка во земјава ја изразила загриженоста на САД за состојбите во македонското правосудство во писмо што го испратила до институциите на извршната и судска власт на 11 април, објави денеска телевизија „Алсат“.

Загриженоста, според дел од писмото објавен од „Алсат“, се однесува на првостепените пресуди против високопрофилирани личности кои Апелацискиот суд ги укина и ги врати на повторно судење, поради што во меѓувреме застареа дел од предметите кои се водеа против дел од обвинетите.

– Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите – се наведува во писмото од Агелер, како што пренесе „Алсат“.

Писма со идентична содржина биле испратени до Владата, премиерот Димитар Ковачевски, министрите за правда и за надворешни работи, Кренар Лога и Бујар Османи, како и до Врховниот суд, Апелацискиот суд и до некои основни судови во земјава, според информациите на „Алсат“. Во писмото, наводно, биле истакнати и напорите на американските власти да помогнат во подобрување на состојбите во македонскиот правосуден систем.

Писмото го прокоментира и вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска. Таа денеска изјави дека одлуките на Апелацискиот суд за поништени решенија во случаи против високи профилирани лица се сериозен проблем и оти пораките што доаѓаат од САД конечно ќе влијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.