Фото: Игор Бансколиев

Од анализата на институтот за демократија „Социетас цивилис“ за процедурите за изградба на коридорите 8 и 10д

Во експликацијата на гореспоменатата анализа се наведува дека „приватниот интерес на конзорциумот („Бехтел и Енка“ н.з.) влегува непречено во процесот на носење одлуки во Владата, каде што се занемаруваат и законите и деловникот за работа. Собранието не ја остварува својата контролна и консултативна улога, туку занемарувајќи го сопствениот деловник за работа овозможува суштествени пропусти при носењето на дискутираните закони. Последната точка, на патот на една идеја до влегување на закон во сила, претседателот ги занемарува сите претходно акумулирани пропусти и не ја користи својата улога на контратежа во процесот на носење одлуки. Сето тоа упатува на потребата во иднина да се прошири обемот на контрола, вклучувајќи ја и судската власт во ценење на процесот на носење одлуки“…

Опширната анализа на институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), која е фокусирана на изградбата на коридорите 8 и 10д, како и договорот помеѓу македонската влада и конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата беше презентирана вчера за пошироката македонска јавност. Настанот беше организиран како дел од проектот што има цел поттикнување јавна дебата за антикорупција, како и поддржување на реформите во Македонија преку зајакнување на владеењето на правото. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија и е насочен кон соработка и консултации со сите релевантни општествени чинители.

Наодите и анализата беа презентирани од Миша Поповиќ, раководител на центар и постар истражувач во ИДСЦС.

Истражувањето открива голем број пропусти, каде што се занемаруваат и законите и деловникот за работа

Податоците и анализата на истражувањето покажуваат дека постојат голем број пропусти во целата постапка пред склучувањето на договорот помеѓу македонската влада и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Студијата, која е насловена „Интегритет на носење одлуки: системски пропусти во случајот ’Бехтел и Енка‘“, посочува дека пропустите можат да се забележат уште од самиот почеток со носењето на Законот за изградба на коридорите 8 и 10д, при што се укажува на четири контролни точки во процесот, кои не успеваат да обезбедат интегритет при носење на одлуките.

„Приватниот интерес на конзорциумот влегува непречено во процесот на носење одлуки во Владата, каде што се занемаруваат и законите и деловникот за работа. Собранието не ја остварува својата контролна и консултативна улога, туку занемарувајќи го сопствениот деловник за работа овозможува суштествени пропусти при носењето на дискутираните закони. Последната точка, на патот на една идеја до влегување на закон во сила, претседателот ги занемарува сите претходно акумулирани пропусти и не ја користи својата улога на контратежа во процесот на носење одлуки. Сето ова упатува на потребата во иднина да се прошири обемот на контрола, вклучувајќи ја и судската власт, во ценење на процесот на носење одлуки“, се наведува во анализата.

Злоупотребено е и европското знаменце, а не е извршена и процена на влијание на регулативата што треба да важи за секој закон

– Злоупотребено е европското знаменце при носењето на овој закон. Во тоа се вклучи и претседателот на државата, кој без никаква резерва го потпиша законот, а можеше врз основа на сите овие претходни прекршоци да не го потпише указот – додава Поповиќ, раководител на центар и постар истражувач во ИДСЦС.

Системот на контрола на интегритетот на носењето одлуки е дефиниран за да ги анулира приватните интереси, кои би имале влијание во носењето вакви одлуки. Не е извршена и процена на влијание на регулативата што треба да важи за секој закон, како што посочува Поповиќ од ИДСЦС.
– За законот што се однесува на изградбата на коридорите од „Бехтел и Енка“ таква процена не е направена, а е законски задолжителна. Тоа подразбираше изработка на голем број анализи за влијанието на овој закон на други законски измени – рече Миша Поповиќ.

Наедно, се додава дека лобирањето за овој проект од страна на компанијата не било пријавено според одредбите од Законот за лобирање. Миша Поповиќ нагласува дека, според Законот за лобирање, двете страни, односно македонската влада и конзорциумот имале обврска да пријават лобист, меѓутоа истражувањето утврдило дека таков лобист не постои.

Според досега достапните податоци, од македонскиот буџет за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ се исплатени 174,5 милиони евра, но градежните активности сѐ уште не се започнати.


Кој е „Социетас цивилис“

Како што истакнуваат на својата официјална веб-страница, институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) има визија за Македонија како високоразвиена демократија на слободни и активни граѓани.

Мисијата на ИДСЦС е поддршка на развојот на демократските процеси преку промоција на креирање политики базирани на истражување, анализи и консултација со засегнатите страни.

ИДСЦС го истражува развојот на доброто управување, владеењето на правото и европските интеграции на Македонија. ИДСЦС има мисија да ја помогне граѓанската вклученост во носењето одлуки и да ја зајакне партиципативната политичка култура. Преку зајакнување на слободарските вредности, ИДСЦС придонесува за соживот помеѓу различностите.

Во остварувањето на визијата и мисијата, како долгорочни цели се наведуваат: балансиран социоекономски развој, активна граѓанска вклученост, партиципативна политичка култура, остварување либерални вредности во општеството, почит кон владеењето на правото и доброто владеење, промоција на одржливо образование, остварување процес на донесување одлуки заснован на докази и мултиетничко и мултикултурно сопостоење.

Д.Ст.