Фото: „Костури“

Кумановските „Костури“, првиот регистриран клуб за американски фудбал во земјава, наскоро ќе почне со натпревари во лигата на соседна Србија, информираа денеска од клубот. Тие во српската лига ќе бидат сместени во јужната дивизија, каде што ќе се натпреваруваат против екипите од Бор, Пожаревац и од Ваљево.

Натпреварите ќе бидат одиграни во три викенда, 23/4 септември, 7/8 октомври и 21/2 октомври, а турнирите ќе се одржат на гостински терен за нив, во градовите од каде што се екипите во нивната дивизија. Финалниот турнир ќе се одржи на 4-ти или 5-ти ноември годинава, веројатно во Белград. „Костурите“ изминатиов период како неофицијална репрезентација учествува на турнир во Србија каде ги зацврстија контактите со официјални лица од Српската Асоцијација на Американски фудбал (СААФ), што резултираше со покана за учество во српската сениорска лига во флаг фудбал.

За „Костурите“ ова е преоден период сè додека не се формира македонска национална асоцијација на американски фудбал. Тие постојано вложуваат во промоција на спортот во државава. Годинава се натпреваруваа и во Хрватска каде е пласираа како 9-ти од вкупно 21 екипа, оставајќи зад себе поуспешни и поискусни екипи од Балканот, но и од Европа.

Флаг фудбалот (бесконтактна верзија на американскиот фудбал) доживува експоненцијален раст во светски рамки. Неговата инклузивност овозможува на деца од најмала возраст да се приклучат на спортот. Во САД долго време е третиран како подготовка за контактната верзија на спортот, голем процент од играчите од НФЛ во својата најрана возраст биле дел од флаг фудбал екипи. Сепак, се повеќе се развива стручноста во овој спорт и се повеќе сениори остануваат во него. Полот исто така не е пресуден, што го покажува фактот дека на европското првенство до 15 години екипите сè уште се мешани, дури некои федерации имаат и правило 50 проценти од екипата да биде составена од девојчиња. Женскиот флаг фудбал е исто толку, ако не и поатрактивен од машкиот (што е вистинска реткост во кој било спорт), а некои од најголемите амбасадори на спортот во светски рамки се играчи од женските селекции на САД и Мексико. До крајот на годината се очекува одлука од надлежните органи на Олимписките игри за внесување на нови спортови во 2028-та година во Лос Анџелес, а флаг фудбалот е убедлив фаворит за прв пат да биде избран.

Благодарејќи на „Костурите“ од Куманово, овој спорт во 2018-та година пристигна и кај нас, а во 2022-та година сето тоа се официјализираше и беше регистрирано како прв клуб на американски фудбал во земјата. Тие секојдневно работат на популаризација на флаг фудбалот кај нас преку различни настани низ целата земја. Сето тоа започна од сега веќе традиционалниот „Графити Фест“ во Куманово, беа дел од меѓународно-популарниот „Д Фест“ во Дојран, „Парко 2047“ во Битола и најновиот „Jojo’s United“ во Љубаништа, Охрид. Заедничко за сите тие настани е тоа што ги организираат и на нив присуствуваат огромен процент на млади луѓе, коишто како што кажаа на нашето прво дружење, сакаат да ги вратат на спортските терени и да ги вклучат во флаг фудбалот. Тие ги поканија сите да се приклучат во нивната екипа. Податоци можат да се најдат на социјалните мрежи.