Петар Стојанов - Фото: ЕПА

Реактивирање на неформална билатерална дипломатија на релацијата Бугарија – Македонија

Бугарските политичари (а можеби веќе и бугарските граѓани) се во заблуда кога (ако) мислат дека „Македонците се нација што искрено ја мрази Бугарија“. Македонците само сакаат Бугарија (и сите други земји во светов) искрено да го признае и почитува постоењето на Македонија како држава, постоењето на автентичниот македонски национален идентитет и да го прифати фактот дека Македонија е најромантичниот дел – сепак, само на македонската историја!

Тензијата создадена во македонско-бугарската меѓусебна општествено-граѓанска перцепција последниве години, поради уценувачкото блокирање од страна на официјална Софија на македонските евроинтеграции, очигледно ќе остане предизвик и во некое (повеќе претпоставено) идно европско заедништво, дури и ако се исполнат (пре)оптимистичките „визии“ за членство на Македонија во ЕУ до 2030 година. Во овој историски миг, кога Македонија е под притисок да ги исполни бугарските уцени (спакувани во „европска преговарачка рамка) и да направи уставни измени, меѓудржавните билатерални односи меѓу Македонија и Бугарија можеби и не се толку затегнати, но најголемиот дел македонски граѓани имаат изразени чувства на резервираност, недоверба и несимпатија кон бугарските политики што официјално и неофицијално се манифестираат спрема Македонија, Македонците и нивните национални атрибути. За таквото чувство на Македонците најголема заслуга секако имаат неодмерените ирационални изјави и провокативни активности на многубројни (не)релевантни бугарски политичари.

Меѓу (по)ретките бугарски релевантни политичари што предупредуваа на последиците од агресивниот однос по македонското прашање на целата бугарска политика е веројатно поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов. Тој уште минатата година за бугарските медиуми изјави дека „позицијата на Бугарија спрема Македонија не треба да биде агресивна, бидејќи така се создава една нација што искрено ја мрази Бугарија“. Стојанов, кој беше бугарски претседател од 1997 до 2002 година, често нагласуваше – дека колку и да се заострени позициите, дијалогот меѓу двете држави мора да се води „во пријателски тон“.

Поранешниот бугарски претседател во актуелна мисија во Македонија

Токму Петар Стојанов деновиве е во Скопје, како специјален гостин на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Македонија, по повод отворањето на изложбата на фотографии насловена како „Бугарија од птичја перспектива“, на фотографот Александар Иванов. Се разбира дека над сѐ треба да се поздрави и охрабри уште еден гостински културен настан од Бугарија, кој придонесува универзалните општочовечки и хумани вредности да се споделуваат и дисперзираат меѓу двете земји. Тоа придонесува и културните вредности да бидат отскочна штица за севкупните билатерални односи, вклучувајќи ги и политичките. А токму гостувањето на поранешниот бугарски претседател во Македонија, во време кога најсериозен политички предизвик се уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав, отвора цела низа прашања, но и претпоставени одговори. Поради умерените ставови искажувани во текот на неколкугодишното ескалирање на македонско-бугарските односи, посетата на Стојанов во Скопје, според некои наши соговорници, остава простор да се согледа како „пристапување кон една помека помирувачка неофицијална дипломатија“. Според изградениот политички статус на Петар Стојанов, барем од него не се очекуваат дрски провокации какви што на македонска територија приредуваа Ангел Џамбаски, Костадин Костадинов, Каракачанов… Во барањето други поттексти во присуството на Стојанов на изложбата на бугарскиот КИЦ во Скопје, кај нашите соговорници како да доаѓа и помислата дека „можеби е позитивен сигнал за активирање и на неофицијалната дипломатија од македонска страна, токму за да се поттикне една цивилизирана комуникација“!?

Дали се реактивира и актуализира неформална билатерална дипломатија?

Свежи се и сеќавањата во македонската јавност од специјалните ангажмани на поранешните македонски премиери Владо Бучковски и Љупчо Георгиевски, за некакво културно зближување на Македонија со Бугарија, кои не донесоа некаков успех за македонските евроинтеграции, но и за зближувањето на општествата и граѓаните.
Во актуелниот стадиум на односите, односно меѓусебната перцепција на граѓаните на Македонија и Бугарија, „дијалогот во пријателски тон меѓу двата ’братски народи’“ (како што вели Петар Стојанов) е особена тавтологија, како „предизвикувачки предизвик“. Сепак, соговорниците потсетуваат дека кога се спомнува Петар Стојанов во Македонија, првата асоцијација за него е изјавата дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“, искажана за време на неговиот претседателски мандат во Бугарија, од 1997 до 2002 година. Во македонските медиумски архиви од времето пред интернетот може да се најдат голем број новинарски коментари, изјави на тогаш актуелните политичари, со реплики и деманти на таквото „романтично доживување“ на Стојанов. Токму затоа, во низата прашања што ѝ се наметнуваат на македонската јавност од посетата со пријателски тон на поранешниот бугарски претседател, има доза на воздржаност и недоверба во искреноста на намерите.

Сепак, самиот Стојанов констатира дека главниот проблем во актуелниот македонско-бугарски однос е „агресивноста“ од бугарска страна. Во таа агресивност се содржани многу „анахрони романтични“ и патерналистички ставови на Бугарија спрема Македонија, кои се целосна негација на вредностите на современата цивилизација за правото на самоопределување на народите, на принципот од меѓународното право за немешање во внатрешните работи на суверени држави, но и на базичното добро воспитување – дека не смееш никому да му го наметнуваш својот идентитет, историја, јазик, особено не народ (дури и близок, соседски) со автентичен историски развој.

Бугарските политичари (а можеби веќе и бугарските граѓани) се во заблуда кога (ако) мислат дека „Македонците се нација што искрено ја мрази Бугарија“. Македонците само сакаат Бугарија (и сите други земји во светов) искрено да го признае и почитува постоењето на Македонија како држава, постоењето на автентичниот македонски национален идентитет и да го прифати фактот дека Македонија е најромантичниот дел – сепак, само на македонската историја!