Невреме со пороен дожд, врнежи од град и грмежи попладнево ги зафати Делчево и околните населени места. Поројниот дожд поплави голем дел од подрумските простории и предизвика потешкотии во одвивањето на сообраќајот.
Поплавени повеќе од 60 објекти во населбата Пролет и на улицата „Индустриска“ се последиците од невремето проследно со град што денеска го зафати Делчево и околината во периодот од 16:30 до 18:20 часот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– На терен се излезени ТППЕ Делчево и ЈПКД „Брегалница“ со цела нивна екипа и вршат испумпување на вода од поплавените објекти – се појаснува во соопштението на ЦУК.
Врнежите од град со големина на лешник оштетија дел од раноградинарските култури, а настрадаа и дел од овошните насади.
Од Општина Дечлево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети, а оттаму дополнително најавија информација за првичните штети настанати од невремето.
Како што додаваат од ЦУК, поголем дел од градот е без снабдување со електрична енергија.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека екипи од ТППЕ Делчево се излезени на терен и интервенираат со две возила и петмина пожарникари, заедно со екипи на јавното комунално претпријатие.
Фото: ЦУК