Холандскиот парламент даде зелено светло за отворање на преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ, јави албанската телевизија Топ Ченел.

Според истиот извор, холандските пратеници не се согласиле и Албанија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Според нив, Албанија нема доволно направено во борбата против корупцијата и криминалот.

– Албанија не ги исполни петте приоритети утврдени во извештајот за напредок, бидејќи нема напредок во правните реформи, борбата против корупцијата или борбата против криминалот. Врз основа на овој напредок, не можеме да ги отвориме преговорите за пристап кон ЕУ. Холандската влада не треба да гласа за Европската комисија за отворање на пристапните преговори – се вели во предлогот од холандскиот парламент, подготвен од Ван Хелверт, Омцигт, Ен Мулдер и Ван дер Граф, известува Топ Ченел.

Холандија и Франција беа двете земји кои одбиваа да дадат зелено светло за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Сега, останува уште Франција да омекне до претстојниот Самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 25 јуни во Брисел.