Реакции на македонската интелектуална јавност на пораките од германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер
Пораките што ги испрати германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер при својата посета на Македонија беа различно оценети во домашната јавност.
Во политичките кругови блиски до власта, ваквите пораки на германскиот претседател беа оценети како охрабрувачки и со поддршка за евроинтегративниот пат на Македонија, но и „освестувачки“ за опозицијата. Но меѓу интелектуалците во Македонија, обраќањето на претседателот Штајнмајер предизвика и сосема поинакви реакции.
Универзитетскиот професор, филозофот Љубомир Цуцуловски реагираше со свој став за пораките на Штајнмајер на социјалните мрежи.
– НЕ КАЖА. Франк Валтер Штајнмајер, претседател на Сојузна Република Германија, порача дека Македонија ќе требало повторно да го менува Уставот. Меѓутоа, не кажа што треба да се менува во него. Ако мислеше на Бугарите, тогаш редно е да каже дали би го менувал Уставот на неговата земја, бидејќи и во неа има барем 3.000 Бугари – напиша професорот Цуцуловски на својот фејсбук-профил.
Голем број реакции имаше и на социјалните мрежи. „Во Германија има два милиона Бугари. Од трите милиона иселени од Бугарија, два се во Германија, а еден милион во другите европски земји“. „Тие имаат 10.000.000 Турци во Германија, па не помислуваат да менуваат Устав, а не за 3.000 Бугари… Па, нека ни дадат соодветен пример, нели се тие европска демократска држава, а ние не сме“.
Новинарот-колумнист Бранко Героски во посетата на германскиот претседател Штајнмајер на Македонија препознава нескриена намера да ги убеди граѓаните и пратениците да ја поддржат намерата на Владата во јануари да го отвори Уставот, со цел Бугарите да влезат во преамбулата, што тој не очекува да се случи. Според Героски, она што е охрабрувачки од обраќањето на Штајнмајер е контекстот на пораката за гласност пред ЕУ на загриженоста на Македонија за бугарската негаторска политика за идентитетот и самобитноста на македонската нација.
– Имам впечаток дека Штајнмајер денеска на македонската влада ѝ ги отвори очите, изразувајќи целосно разбирање за правото на Македонците за спорните прашања да разговараат отворено, со емоции, па дури и страсно – пишува Героски.
Поранешниот пратеник во Собранието на Македонија, новинарот Сафет Бишевац во телевизиска дебата оцени дека посетата и пораките на германскиот претседател на Македонија се во функција на создавање амбиент во државата за спроведување на истото сценарио како за уставните промени за Преспанскиот договор, но и дека никој не смее да ѝ го одземе правото на Македонија да се грижи за своите национални интереси.
– Мислам дека ова е исто сценарио како и пред некоја година, кога се обезбедуваше мнозинство за Преспанскиот договор. Мислам дека ова е нов обид за купување пратеници за новата важна одлука за промена на Уставот во контекст на барањата Бугарите да бидат внесени во текстот на Уставот… Во говорот на Штајнмајер во парламентот имаше и блага критика кон актуелната владејачка структура и начинот на кој таа сака да го претстави спорот. Односно дека ако сега не ги почнеме преговорите, ние ќе се распаднеме како држава, што, според мене, не е точно… Никој не смее да ѝ го земе правото на Македонија да се бори за сопствените национални интереси. Ковачевски и Османи треба да разговараат за тоа во Брисел – оценува Бишевац, додавајќи дека мегаломанските барања на Бугарија мора да се соочат со една поинаква стратегија.