Стефани Фрапар од Франција ќе биде главна судијка на средбата Костарика – Германија во групата Е, а ќе ѝ помагаат Бразилката Неуза Бак и Мексиканката Карен Дијаз Медина. Фрапар е првата жена што судела натпревар за мажи во ЛШ, во Суперкупот на Европа, во квалификации за СП…

ФУДБАЛ – НА ДЕНЕШНИОТ ДУЕЛ КОСТАРИКА – ГЕРМАНИЈА

Женски судиски тим првпат ќе води натпревар на фудбалско светско првенство за мажи, на дуелот денеска во групната фаза помеѓу Костарика и Германија, во групата Е, пишува „Би-би-си“. Стефани Фрапар (38) ќе биде прва жена што ќе суди на светско првенство за мажи.
Французинката стана прва судијка на турнирот кога беше поставена за четврти судија за натпреварот Мексико – Полска минатата недела, во првото коло на групата Ц. На Фрапар ќе ѝ помагаат Бразилката Неуза Бак и Мексиканката Карен Дијаз Медина.
Фрапар е прва жена што судела натпревар за мажи во Лигата на шампионите (во 2020 година, Јувентус – Динамо Киев). Таа, исто така, беше прва жена што водеше натпревар на големо натпреварување за фудбалери во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА) кога Ливерпул и Челси се сретнаа во Суперкупот на Европа во 2019 година, потоа прва судијка на меч од квалификации за пласман на светско првенство за фудбалери (во 2021 година, Холандија – Летонија)…
Фрапар, Салима Мукансанга од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија се меѓу 36-те главни судии избрани за натпреварите на Светското првенство во Катар, пишува „Би-би-си“.