Решение за ситуацијата околу Украина дефинитивно ќе се најде, а Западот ќе ја надмине својата хистерија, порача рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој неодамна ги искажа своите ставови во поопширно интервју за домашни и за странски медиуми. Од Амбасадата на Русија во Македонија ни беа посочени одредени клучни поенти од обраќањето на Лавров, кои ги пренесуваме во продолжение.
Русија е убедена дека ситуацијата околу Украина ќе се реши. Секако дека ќе се најде решение, не се сомневам во тоа. Познати се условите, кои за нас се минимални. Москва е подготвена за преговори со Киев, но ќе ја продолжи воената операција, бидејќи не може да си дозволи Украина да ја зачува инфраструктурата што ѝ се заканува на Руската Федерација. Демилитаризацијата (на Украина) во оваа смисла ќе заврши, дури и да потпишеме мировен договор, кој дефинитивно ќе мора да содржи таква клаузула.
Сега не треба да се оценува ниту руската операција, ниту преговорите, но Москва е сигурна дека е во право. Убедени сме дека ја правиме вистинската работа. Странските медиуми што ја покриваат ситуацијата околу Украина треба да се потпираат на факти, а не на емоции. Затоа, Ве поканувам само да се запознаете со фактите, а не да се обидувате да се преправате дека истиот холивудски акционен филм се развива според сценариото напишано од вашите колеги, каде што постои апсолутно зло и апсолутно добро.
Сигурен сум дека ќе стивне оваа хистерија и нашите партнери од Западот ќе го надминат сето ова. Не можам ни да се изразам на друг начин. Секогаш сме подготвени за дијалог под еден неопходен услов, а тоа е исклучиво врз основа на еднаквост и врз основа на почитување и разгледување на меѓусебните интереси.
Сегашните санкции се „еден вид данок на независноста“, а земјите што им забранија на нивните компании да работат во Руската Федерација го направија тоа под „огромен притисок“. Тие сега велат дека ние мора да страдаме, а Русија треба да ја „научи лекцијата“.
Генерално, Западот се обидува да ја потчини Руската Федерација на својата диктатура, но Москва никогаш нема да прифати. Ако очекуваат дека Русија ќе се повлече и ќе се потчини на нечија диктира, тоа е сосема погрешно. Всушност, тие треба да се сетат на нашата историја. Ние никогаш не склучивме никакви договори под притисок.
Целиот Запад не може да одлучува што ѝ е потребно на Русија за да ја осигури својата безбедност. Тие ни велат дека пристапувањето на Украина во НАТО или на која било друга држава, која не е сега дел од Алијансата, нема да претставува никаква закана по руската безбедност. Кој е Западот да одлучува што нам ни е потребно за да ја осигуриме нашата безбедност?
Соединетите Американски Држави сега доминираат со Европа како што се обидоа Наполеон и Хитлер да го сторат тоа во нивното време. Знаете, морам да направам споредба. Јасно е дека НАТО не поставува прашања во однос на тоа, а Европската Унија си го знае своето место. САД отворено уценуваат други држави за да ги постигнат резултатите што им се потребни во гласањата во рамките на Обединетите нации. Ние сме свесни за методите што ги користат нашите западни колеги, кои, всушност, вклучуваат директни уцени и притисоци.
Кога-тогаш, западните земји ќе се вратат на дијалогот за безбедносните гаранции. Нам не ни недостига добра волја, но нашите интереси постојано се нарушуваат на флагрантен начин, создавајќи физички закани за безбедноста на Русија, што е нешто што не смееме и не можеме да го дозволиме.
На сите им е јасно дека третата светска војна може да биде само нуклеарна. Сепак, јас би сакал да истакнам дека идеите за нуклеарна војна кружат само во главите на западните политичари, но не и на руските.
Западот, а не Москва, е тој што размислува да распореди и да употреби нуклеарно оружје. Таквите изјави особено потекнуваат од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и од францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дријан, истакнува Лавров.
Во меѓувреме и руското МНР, со кое раководи Лавров, посочи дека долги години, Европската Унија (ЕУ), под превезот на „миротворец“, великодушно го финансираше режимот во Киев, кој дојде на власт како резултат на антиуставен државен удар. Тивко го гледаше истребувањето на населението во Донбас, задавувањето на рускиот јазик во Украина. ЕУ ги игнорираше нашите постојани повици да се обрне внимание на доминацијата на нацистите во власта на Украина, социоекономската блокада и убиствата на цивили во југоисточниот дел на земјата.
Сега, сепак, маските паднаа. Одлуката на ЕУ на 27 февруари да започне со испораки на смртоносно оружје за украинската војска е самооткривачка. Го означува крајот на европската интеграција како „пацифистички“ проект за помирување на европските народи по Втората светска војна. Претставниците на ЕУ конечно застанаа на страната на режимот во Киев, кој воведе политика на геноцид врз дел од сопственото население. Раководството на ЕУ без срам ги опишува ракетите, малото оружје, муницијата, па дури и борбените авиони како „одбранбени“ системи. Граѓаните и агенциите на ЕУ вклучени во испораката на смртоносно оружје, гориво и мазива за украинските вооружени сили ќе бидат одговорни за какви било последици од овие дејства за време на тековната специјална воена операција. Тие треба да бидат свесни за сериозноста на овие последици, порачуваат од руското МНР.
Сергеј Лавров руски министер за надворешни работи