Фото: МИА

Иницијативата „Отворен Балкан“ не само што ја забрзува нашата евроинтеграција, туку и создава услови заедно со земјите од регионот практично да спроведуваме дел од европските стандарди, оценува националниот координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец.

– Преку „Отворен Балкан“ практицираме европски вредности, европски економски политики и европски начин на соработка со нашите соседи. Оттука, оваа регионална иницијатива не само што ја забрзува нашата европска интеграција, туку и создава услови практично да спроведуваме дел од европските стандарди заедно со земјите од регионот, како подготовка за она што ќе се случува после нашиот влез во ЕУ. Така што, „Отворен Балкан“ е забрзувач на македонската и регионалната евроинтеграција и реализатор на европски економски политики во нашиот регион – вели Забрчанец во интервју за „Локално“.

Тој нагласува дека „Отворен Балкан“ се базира на политика на постојано отворени врати за земјите од Западен Балкан, но и за членки на ЕУ од регионот.

– „Отворен Балкан“ е создаден заради граѓаните, а не заради политичарите. Колку порано сите политичари разберат дека оваа иницијатива овозможува институциите да соработуваат и да испорачаат дела за добробитот на народите, толку поскоро Балканот ќе го видиме целосно интегриран во Европската Унија – заклучува Забрчанец.

Националниот координатор потенцира дека во овој момент најважно е да се даде поддршка на реализацијата на она што беше договорено меѓу Белград и Приштина на средбата минатиот месец во Охрид меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со посредство на претставници на ЕУ.

– Успешната реализација на Охридскиот договор за Косово ќе донесе мир и просперитет, а тоа ќе води кон поголема регионална соработка на Косово и Србија со сите свои соседи. Во такви услови, нема да постојат причини косовските граѓани да бидат лишени од придобивките на „Отворен Балкан“ – вели Забрчанец.

Во однос на Црна Гора, Забрчанец оценува дека доаѓањето на Јаков Милатовиќ на претседателската функција, обезбедува таа држава да има и премиер и претседател кои се силни поддржувачи на приклучувањето кон „Отворен Балкан“.

– Радува тој факт и ако се има предвид дека тамошната стопанска комора, исто така е силен поддржувач на ваквиот начин на регионална соработка, очекувам позитивен развој на настаните. Граѓаните на Црна Гора, исто како и нашите граѓани и сите граѓани од Западен Балкан заслужуваат да ги добијат придобивките од економските слободи и соработки кои ги обезбедува нашата иницијатива. Повеќе од добредојдени се и Црна Гора, и Косово и БиХ – додава Забрчанец во интервјуто.