Фото: Маја Јаневска-Илиева

Обраќања по повод празникот 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ

Денот на востанието на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор беше одбележан со низа државни свечености. Свеченостите по повод Денот на народното востание годинава се одржаа под мотото „Секогаш на вистинската страна“.
Претседателот на државата Стево Пендаровски положи свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, на платото пред македонската влада.
Делегации од кабинетот на претседателот присуствуваа на чествувањето на Денот на народното востание и во Куманово и во Прилеп и положија свежо цвеќе пред Спомен-костурницата во Куманово, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, споменикот на Кузман Јосифовски–Питу и Могилата на непобедените во Прилеп..
– Во спомен и чест на нашите ослободители, борци и учесници во НОБ. За сите нивни жртви што ги положија за остварување на идеалите за слободна македонска држава. Слава им – објави Стево Пендаровски на својот официјален фејсбук-профил.

Единаесетти октомври е продолжување на слободарските заложби за самобитност и државотворност

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски им оддаде почит на борците од НОБ на Спомен-костурницата во Куманово.
Во владината делегација беа и Артан Груби, прв заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.
Во чест на паднатите борци, како дел од официјалните делегации, свежо цвеќе положија и претставници на Сојузот на борците, делегација на Собранието, кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Армијата на Република Северна Македонија, градоначалникот на Општина Куманово, делегација на дипломатски кор и политички партии.
Димитар Ковачевски истакна дека одбележувањето на овој празник е продолжение на историјата и насока за нашата иднина.
– Бележникот на македонската историја испишува дека 11 октомври 1941 година го означува почетокот на антифашистичкото востание и на Народноослободителната борба. Но тоа значело и продолжување на слободарските заложби за самобитност и државотворност од Илинденското востание, 1903 година – рече Ковачевски.
Според македонскиот премиер, со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, нашата држава во 1941 година застанала на страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, против уништувачкиот фашизам и нацизам во светот.

Ден кога се обележува почетокот на одлучната борба против фашизмот

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својата честитка до граѓаните истакна дека ова е историски ден кога се обележува почетокот на одлучната борба против фашизмот – најголемото зло во историјата.
Според него, со решителното противставување против окупацијата, насилството, поделбите, понижувањето и дискриминацијата помеѓу луѓето, повторно се потсетуваме на таа генерација слободољупци и пожртвувани сограѓани, кои не се двоумеа во ниту еден миг за тоа на која страна да ѝ се приклучат и да го положат најскапоценото, нагласува Талат Џафери.
Денес, додава тој, битката се води во повеќе димензии и предизвикот е повеќекратно поголем. Покрај животната егзистенција, во прашање се и економската, енергетската и здравствената криза, кои надвиснале над светот како темен облак.
– Затоа, сплотени и единствени како граѓани и како човечки суштества, никогаш да не заборавиме да бидеме на вистинската, исправна страна, да се бориме за достоинствен и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Заедно да градиме стабилна и сигурна иднина за идните поколенија – порачува Џафери.

Овој празник е еден најсветлите датуми во македонската историја

Христијан Мицкоски, претседатeлот на ВМРО-ДПМНЕ, испрати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ. Тој во лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ им го честиташе празникот на сите граѓани, истакнувајќи дека овој празник е еден најсветлите датуми во македонската историја, затоа што значеше почеток на едно ослободително и антифашистичко востание на македонскиот народ, кое беше крунисано со АСНОМ и втемелувањето на македонската државност.
Според Мицковски, со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп, партизанскиот одред „Гоце Делчев“ ја започна борбата против фашистичкиот окупатор, која како пламен се прошири низ цела Македонија.
– Тоа е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија. Оваа борба беше континуитет на стремежот на кресненските и разловечките востаници, на Гоцевите идеали, жртвата од илинденската епопеја и вербата на плејада млади синови и ќерки што веруваат во слободата, човечките правдини и во Македонија – посочува Христијан Мицкоски.

Нека ни е честит и вековит општонародниот празник 11 Октомври

Делегација од Град Скопје, предводена од заменик-градоначалникот Александар Трајановски и од секретарот Зоран Глигоров, положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред македонската влада.
– Прославувајќи го 11 Октомври, оддаваме почит кон славното дело на нашата историја, но во исто време се инспирираме за успех, истрајност и лична жртва за напредокот и развојот на современа држава. Нека ни е честит и вековит општонародниот празник 11 Октомври! Нека ни е успешна и вечна Татковината! – се вели во соопштението од Град Скопје по повод државниот празник.

Единаесетти октомври е голем симбол и силен потсетник за македонската државност

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски истакна дека празникот нѐ задолжи сите нас да не се откажуваме од нашите национални вредности. Во својот говор напомена дека денес кај нас како печурки „никнуваат“ клубови што величаат соработници на фашизмот.
– Ќе го цитирам првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров: „Македонија е сѐ што имаме“. Да, така е, Македонија е сѐ што имаме, сите ние доаѓаме и заминуваме, но од политичарите зависи каква Македонија ќе имаме – рече Максим Димитриевски.
Според Димитриевски, историјата на Куманово е многу позната за сите нас. Револуционерен и слободарски град, град со напредни идеи и херојски дела. Куманово отсекогаш бил градот на соживотот, на вистинските вредности, на грижата кон историјата. Куманово е темелот на македонската државност! Наша должност е да ја чуваме и браниме слободата, гордо да чекориме напред покажувајќи им го патот на генерациите што допрва доаѓаат.