Според податоците на Државниот завод за статистика, за десет години имаме 30 илјади основци помалку, 22 илјади средношколци помалку и речиси 10 илјади студенти помалку. Кои се причините за ваквите појави и како може да се спречат
Што открива публикацијата „Македонија низ бројки“
Од година на година сѐ помалку ученици се запишуваат во основните и во средните училишта во државава, а се намалува и бројот на младите што сакаат да студираат на факултетите.
Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени во публикација „Македонија низ бројки“, за десет години имаме 30 илјади основци помалку, 22 илјади средношколци помалку и речиси 10 илјади студенти помалку.
Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика, во своја опсервација на оваа тема вели дека годишно бројот на ученици во основните училишта се намалува за од три до пет илјади, од една до друга учебна година. Според него, на намалувањето на бројот на учениците влијаат два фактора.
– Едната основа е, секако, поради намалување на наталитетот, а втората најверојатно е поради иселување на населението надвор од земјата и токму поради тоа се запишуваат помал број ученици – вели тој.
Герасимовски смета дека бројот на ученици се осипува и на крајот на годината, односно не сите што се запишале ја завршуваат учебната година, некои повторуваат, некои се испишуваат или, пак, се иселуваат.
Според Герасимовски, состојбата со намалувањето на учениците и студентите најдиректно укажува на процентот на иселување од Македонија.
– Тоа е процес што никој не може да го сопре. Во последно време се прават напори, но иселувањето не може да се спречи. Останува да ги следиме бројките и да видиме што ќе се случува во наредниот период – вели Герасимовски.
Поранешниот заменик-министер за образование Петар Атанасов вели дека не е лесно да се одговори зошто нам ни е случува овој процес, но она што може да се напомене е дека на процесот влијаат голем број фактори.
– Имено, ние во минатото имавме состојби каде што поранешни влади се обидоа да ги подобрат бројките на овие негативни трендови со државни реакции како дисперзираните студии низ градовите и задолжителното средно образование, но очигледно тоа не беше доволно – вели Атанасов.
Тој подвлекува дека намалувањето на бројките се должи и поради наглиот пад во интересот за образованието на младите, но и поради генералната миграција и иселувањето на нашата популација.
– Очигледно дека пописот за кој сѐ уште ги очекуваме резултатите ќе даде уште попрецизни податоци од сегашните и верувам дека дури тогаш државата ќе треба да размисли како да постапи по овој проблем, откога ќе го решиме сомнежот колку всушност луѓе живеат во Македонија – вели Атанасов.
Тој додава дека веројатно во напорите за подобрување на состојбите се потребни и одредени потикнувања за младите, на пример да се запишат на факултетите.
– Тоа најдобро се спроведува со стипендиите со кои дополнително се мотивираат младите да станат нивни студени. Па во овој правец можеби треба да се актуализираат стипендиски програми за насоките што се најбарани во моментов, како оние со информатиката и компјутерската технологија, и на таков начин да се надмине проблемот – резимира тој.
Аналитичарот Синиша Пекевски вели дека состојбите со намалувањето на бројот на учениците и студентите во нашите образовни институции не може да се гледаат одвоено од целите процеси во државата.
– Ваков негативен тренд имаме секаде, но за образованието, освен иселувањето кај луѓето влијае и желбата да живеат во подобро и поквалитетно општество, а тоа се гради со добро образование. Па оние што се иселуваат од земјата се иселуваат и поради лошите образовни политики што се случуваат во Македонија – вели тој.
За да се спречат состојбите, според Пекевски, она што треба итно да се преземе е да се направи анализа каков кадар имаме во образованието, каква е компетентноста на наставниот кадар, какви програми имаме, какви часови имаме, дали и какви учебници имаме, како и кога објавуваме податоци, каква усогласеност во работењето имаме, какво знаење стекнуваме…
– Кога ќе стигнеме барем блиску до европскиот просек во сите овие процеси, тогаш ќе успееме да го спречиме негативниот тренд што ги празни нашите училници и амфитеатри – вели тој.