КОГА СТАРАТА АРХИТЕКТУРА СТАНУВА ОПАСНОСТ ЗА БИТОЛЧАНИ

Деновиве на неколку локации во Битола, во старото градско јадро, особено зад Центарот за култура и народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, на неколку куќи на улицата Стевче Патако има поставено сообраќајни знаци за предупредување дека улиците се опасни за движење и сообраќај, бидејќи овие стари куќи се склони кон паѓање. Според регистарот со кој располага Заводот и музеј, има околу 2.000 стари куќи со препознатлива стара битолска архитектура, кои главно се наоѓаат во централното градско подрачје

Познатиот и мошне популарен хрватски режисер и актер Раде Шербеџија долги години сакаше да сними филм за ослободувањето на Скопје. Но иако темата беше за ослободено Скопје, главно филмот се снимаше во Битола. Речиси еден месец многубројната екипа на актери и филмски работници беше стационирана во Битола, каде што се снимаа сцените за ослободувањето на Скопје. Причините зошто филмот „Ослободувањето на Скопје“ се снимаше во Битола беа исклучителните и препознатливи стари куќи од тој период. Тогаш, при снимањето на една од многуте сцени од војната за последиците од бомбардирањето на Битола, која беше буквално разурната, Шербеџија рече:
– Битола е преубав град, со прекрасна стара архитектура, која многу зборува за богатото минато на овој град. Токму поради таквиот амбиент, најголемиот број сцени во филмот „Ослободувањето на Скопје“ ги снимаме во Битола, зашто благодарение на старата архитектура во Битола, нам не ни требаше ни многу време ни средства да ги доловиме времето и амбиентот во кој се случуваше дејството од филмот.

Љубителите на филмската уметност во Битола, кои тие денови го следеа снимањето на филмот, добро се сеќаваат дека на Шербеџија и на неговиот тим не им требаше никаква дополнителна сценографија за да ги снимат своите филмски кадри во руинираните стари куќи во Битола, во кои се одвиваше дејството на филмот, и да го доловат амбиентот од тој мрачен период од војната. Куќите во кои се случува(ше) дејството на филмот „Ослободувањето на Скопје“ навистина беа целосно руинирани и (про)паднати. Иако се наоѓаа(т) на само стотина метри од популарниот Широк сокак, каде што е зачуван стариот сјај на Битола и нејзината стара архитектура, улицата Кирил Методиј, во која се снимаше филмот, навистина беше „автентична“, како за време по бомбардирањето. Со исклучок на неколку други куќи на улицата, кои се зачувани, најголем број од нив се делумно или целосно руинирани и дотраени.

Оставени на забот на времето се и куќите што во минатото беа седишта на странските конзулати. Од снимањето на филмот „Ослободувањето на Скопје“ поминаа повеќе од осум години, а познатиот хрватски актер и режисер Раде Шербеџија веќе не снима во Битола, но кога сега би снимал со истата тематика, би му требале уште помалку средства да издвои за сценографијата за да го долови амбиентот од војната, затоа што старата битолска архитектура сега е уште поавтентична од тогаш, зашто е далеку поруинирана. Деновиве на неколку локации во Битола, во старото градско јадро, особено зад Центарот за култура и народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, на неколку куќи на улицата Стевче Патако има поставено сообраќајни знаци за предупредување дека улиците се опасни за движење и сообраќај, бидејќи се склони кон паѓање. Пред извесно време сообраќајната полиција дури мораше да го ограничи движењето не само на пешаците туку и на автомобилите, бидејќи постоеше голема опасност една од старите и некогаш мошне луксузни куќи на улицата Никола Тесла да се сруши.

Слично такво предупредување веќе подолго време има и на улицата Стевче Патако, каде што една од куќите неодамна буквално се сруши до темел и само благодарение на случајноста никој не настрада, а во непосредна близина на истата куќа, уште на две-три куќи со „прекрасна и раскошна стара архитектура“ стои предупредување дека се склони за паѓање и дека пешаците треба да внимаваат кога врват по таа улица и најдобро е да ја заобиколуваат. Слична е состојбата и во околните улици што се наоѓаат во старото градско јадро на Битола. Кога станува збор за куќите или објектите од старата битолска архитектура, состојбата е повеќе од загрижувачка. Ако некогаш тие куќи беа гордост за Битола, денес тие вака како што се оставени на забот на времето да пропаѓаат се сериозна опасност за битолчани, особено за соседите, кои имаат куќи во непосредна близина, или пешаците што се движат по тие улици, а на опасност се изложени и возачите на автомобили што се движат по тие сокаци. Иако се сметаше дека со донесувањето на Законот за денационализација, откако им беа вратени куќите на најголем број сопственици и нивни наследници од кои беа национализирани, во голема мера куќите ќе се заштитат од пропаѓање, сепак, за жал, тоа не се случи. Напротив, поради тоа што повеќето од куќите им припаднаа на голем број наследници, кои никако не можат да се договорат што да прават со наследените објекти, тие се оставени едноставно да пропаѓаат. Има случаи и кога голем број нови сопственици, кои купиле некои од руинираните куќи, „молат“ бога куќите да се срушат, за да изградат нови, по нови стандарди и нови архитектонски решенија. Токму поради таквиот однос кон старата битолска архитектура, битолчани со право се револтирани и гневни и бараат да се изнајде начин старите и руинирани куќи или да се заштитат од страна на сопствениците или да им се одземат, па потоа да се обноват какви што биле и да бидат дадени на продажба. Вака како што стојат работите, куќите и објектите се оставени на забот на времето да пропаѓаат додека еден ден самите не се срушат и да бидат постојана опасност по пешаците и граѓаните. Битолчани велат дека доколку во најскоро време против таквите неодговорни сопственици или наследници не се преземат некои мерки, старата архитектура во Битола целосно ќе исчезне, а некогаш прекрасните куќи и објекти ќе станат рушевини што ќе претставуваат потенцијална опасност за пешаците и учесниците на сообраќајот во Битола. На Заводот и музеј во Битола состојбата со старата битолска архитектура му е добро позната, но оттаму велат дека се немоќни да ги заштитат старите објекти од (про)паѓање, бидејќи немаат надлежност да се мешаат во имотноправните односи на сопствениците или наследниците на објектите.
– Законот за заштита на спомениците е сосема јасен. За куќите што се во приватна сопственост мора да се грижат само сопствениците или наследниците. Ние тука немаме никаква надлежност да ги заштитиме – категорични се од Заводот и музеј во Битола.
Инаку во Битола, според регистарот со кој располага Заводот и музеј, има околу 2.000 стари куќи со препознатлива стара битолска архитектура, кои главно се наоѓаат во централното градско подрачје. Покрај во централното градско подрачје тие се наоѓаат и во Старата битолска чаршија.

Од нив околу 200 стари објекти во Битола се заштитени со посебни решенија и без соодветна согласност и одобренија врз нив не е можна никаква интервенција. Онаму каде што сопствениците скапо ги продаваат старите куќи во Битола или поради големиот број наследници не можат да ги продадат, едноставно куќите се оставени да пропаѓаат додека сами не се срушат. Таквите околности повремено ги користат некои новопечени битолски богаташи, кои им фрлиле око на таквите куќи и настојуваат истите тие да ги купат по багателни цени, за потоа целосно да ги реновираат по свој вкус. Можеби звучи цинично, но, за жал, вистината е таа. Откако некогаш репрезентативните куќи ќе се срушат, истите тие како рушевини се купуваат од новопечените битолски богаташи и иако најголемиот број од нив се заштитени со закон, со изигрување на законските прописи, ризикувајќи дури и кривично да одговараат, на нивното место настојуваат да изградат сосема нови објекти, кои немаат ништо со препознатливата стара битолска архитектура. Во Битола се познати примерите кога на местото на некогашни руинирани куќи за живеење, никнаа нови куќи, станбени згради, па и хотели, кои ни малку не ја отсликуваат старата битолска архитектура. Упатените во состојбите со старата битолска архитектура тврдат дека во Битола досега само еден битолчанец, кој без дозвола ја срушил куќата во самиот центар на градот, на Широк сокак, одговарал кривично за таквата своја постапка и одлежал неколку месеци затвор. Но тој случај не премисли многумина на локациите каде што постоеле куќи со извонредно раскошна архитектура да (из)градат модерни станбени згради и деловни простори. Новото време носи новини во сѐ, па и во архитектурата. Доколку не се преземе нешто и во иднина во Битола вака неодговорно се однесуваат спрема старата битолска архитектура, нема да помине долго време кога на старата битолска архитектура битолчани ќе се сеќаваат само преку детските цртежи на младите ликовни таленти учесници на „Малиот битолски Монмартр“, кои, за среќа, во изминатите четири децении преку своите ликовни творби ја овековечија старата архитектура на Битола, која полека исчезнува и останува заборавена и од сопствениците и од наследниците, а и од локалните власти, кои со децении немо гледаат како им се руши најголемото богатство со кое се гордееја генерации битолчани.