ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕОБЈАВЕНО

До седумдесеттите години на минатиот век, во Галичник функционирала ПТТ, галичани редовно добивале писма, пакети, парични дознаки, весници и покани за телефонски разговор со блиските во државата и повици од странство. Многу галичани биле претплатници и на дневниот весник „Нова Македонија“, за што сведочи и бројот 1.585 на „Нова Македонија“, од 7 јуни 1950 година, на чија налепница е напишан претплатникот со број 97, Бориз Бислимоски, од Галичник

Галичник е неисцрплив мегдан за пишување, што многупати сум го напишал, изјавил и потврдил. Неколку дена пред Петровден, во Гостивар, имав средба со соплеменичката Доста Караѓозоска-Станкоска. Галичката свадба ни е инспирација да размениме мислења за настани, случки, куриозитети за бистроумните, мудри, талентирани галичани за сите видови уметност, занимања, науки, а пред сѐ како добри домаќини, сточари, печалбари, раководители. Со делата што ги создавале низ вековите и ни ги оставиле во наследство се потврдиле како врвни во своите области, се прочуле на Балканот и низ светот.

„Среќна сум што деновиве пред Петровден те сретнав Кипро, ти си жива легенда за Галичник, хроничар, аналитичар, патописец и колумнист на дневниот весник ’Нова Македонија‘ и на многу други медиуми во Македонија, Германија и во државите што произлегоа од СФРЈ. Да не се сретнавме во гостиварската чаршија, телефонски ќе те побарав на кафе-муабет, да ти го предадам ветувањето од пред неколку години“, ми вели мојата драга пријателка, колекционерка на народни носии, накити и додатоци на народна носија, голем активист и борец за ревитализација на родниот Галичник, за зачувување на свадбарските обичаи, ора, песни, традиции, на богатото културно наследство создавано со векови.

За мојата серија текстови „Забележано, необјавено“ за нашиот весник, пред неколку години рече дека има зачувано број на весникот „Нова Македонија“ од 1950 година, а прикаската ќе ми ја раскаже на следната средба и ќе ми го покаже весникот.
„Дедо ми Бориз Бислимоски, татко на мајка ми Љубица, роден 1899 година во Галичник, најмало дете на родителите Јано и Ана Бислимоски, на печалба во Солун заминал со ненаполнети девет години, со повозрасните браќа, како прво солунче. За Петровден речиси секогаш доаѓал во родниот Галичник, да ги види родителите, најблиските, да учествува на петровденските свадби и веселби, а кога наполнил 21 година, на Петровден, од Солун дошол во Галичник, направил свадба, во црквата ’Св. Петка‘ и се венчал со Дрозда Силјаноска (Влческа). Во бракот имале шест деца: Даница, Јано, Олга, Павле, Љубица и Томо. Баба ми Дрозда починала млада, во 1935 години, во брак била 15 години, а по неколку години дедо ми се преженил со Докија Ропаноска.

Дедо ми Бориз, како што ми раскажуваше мајка ми Љубица, го напуштил Солун на почетокот на Втората светската војна, во 1940 години, продолжува Доста да ми ја раскажува прикаската. Во Галичник живее до 1952 година, а потоа се пресели во Гостивар и живееше сѐ до смртта, 1968 година“.

Откога знае за себе, до денеска, Доста ја привлекуваат стари предмети, сѐ што ќе ѝ се бендиса настојува да го има во колекцијата (поседува колекција со околу 200 македонски народни носии од сите краеви на етничка Македонија, накити, стари предмети од галичко домаќинство итн.). Има многу случки и настани од над четириесетгодишното искуство со колекционерството. Но со посебно чувство и задоволство се сеќава за настанот што ѝ се случил како десетгодишно девојче.

„Во далечната 1965 г., со вујко ми Томо, баба ми Докија (така се викаше маќеата на мајка ми) и дедо ми Бориз, отидов во Галичник. Повод беше дедо ми да ја продаде старата куќа за варница, и денеска мислам зошто. Отсекогаш сум ги сакала работите што биле дел од моите најмили. Добро паметам, се криев од присутните, влегов во старата куќа, зедов една стара фотографија, од кармата на весникот „Нова Македонија“ зедов еден весник и во него ја ставив фотографијата. Тогаш весникот не ми значеше ништо. Вниманието ми го привлече налепницата на весникот со името и презимето на дедо ми, бев многу возбудена и среќна, што значи дека мојот дедо, уште тогаш на домашна адреса го добивал секој број на весникот ,,Нова Македонија“. Како дете со завршено трето одделение бев горда што дедо ми чита и сакал да биде информиран со сите случувања и настани“.

Страниците на весникот „Нова Македонија“, број 1.585, од 7 јуни 1950 година, Год VII, се пожолтени, разбирливо, по 72 години минати од печатењето на весникот. На налепницата е напишан претплатникот со број 97, Бориз Бислимоски, Галичник. До седумдесеттите години на минатиот век, во Галичник функционирала ПТТ, галичани редовно добивале писма, пакети, парични дознаки, весници и покани за телефонски разговор со блиските во државата и повици од странство. Многу галичани биле претплатници и на дневниот весник „Нова Македонија“ и на неделни и месечни списанија.

Галичник отсекогаш бил духовен, културен, општествен, стопански, спортски центар на Мијачијата. Имал сопствена хидроелектрична централа, сточарска задруга „Бистра“, културен дом со киносала, редовно биле прикажувани играни филмови, културно-уметничко друштво (фолклорна, пејачка и драмска секција), фудбалски клуб „Бистра“, хумористичен весник „Стругало“ итн.