Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно за служење војска. Ова е документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен – рече на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачки смета дека ваквата објава ова води до два заклучока, според кои, Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДСМ и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен.
– Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме трајно неспособен човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека истата може само да се влошува. Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што сѐ друго би лажел – вели Ковачки.
Ковачевски како премиер е опасност за државата и мора да си даде оставка, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ. Ковачевски, пак, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не бира средства за да го оттргне вниманието на јавноста од скандалите и преврањата во нивната партија.
– Сепак, јас како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволам политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и културно ќе одговорам на лагите и навредите. Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат – наведува претседателот на СДСМ.