Претседателот на Комората на извршители, Ванчо Марковски, вели дека нивните главни заложби за измените на законот се во насока на воведување прилог-надоместок за обработка на податоци, кој на почетокот на постапката би требало да го плаќаат доверителите; изедначување на комуналните предмети (кои се застапени со речиси 80 отсто во извршителската практика) со другите предмети, односно да немаат третман на субвенциониран долг; како и одредба доверителите да не можат да поднесат барање за извршување за основен долг помал од 500 денари

Во текот на изминатиот викенд, во Битола, на 17 септември, се одржа тркалезна маса во организација на Комората на извршители на Македонија, на која доминантна тема беа предизвиците што ги имаат извршителите во својата практика при спроведувањето на Законот за извршување. Институцијата на приватните извршители во Македонија функционира од 2005 година и од Комората на извршителите велат дека нивниот професионализам во работата придонел за ефикасност во наплатата на долговите, но и за подобрена дисциплина кај македонските граѓани и фирмите за навремено плаќање на обврските. Сепак, свесни за контроверзната перцепција на извршителската професија во јавноста, која доведе до измени во Законот за извршување во 2017 година, тие укажуваат на неприменливост на некои одредби на терен, особено со членовите 205 а и 239. Исто така, тие укажуваат на намалениот интерес за извршителската дејност, по намалените тарифи за извршителските налози, па за разлика од 2017 година, кога имало 650 извршители во Македонија, сега таа бројка е сведена на 330. Поради овие состојби, тие имаат иницирано законски измени во Министерството за правда, веќе се формирани и работни групи, но нивната активност е во застој.
Претседателот на Комората на извршители, Ванчо Марковски, вели дека нивните главни заложби за измените на законот се во насока на воведување прилог-надоместок за обработка на податоци, кои на почетокот на постапката би требало да го плаќаат доверителите; изедначување на комуналните предмети (кои се застапени со речиси 80 отсто во извршителската практика) со другите предмети, односно да немаат третман на субвенциониран долг; како и одредба доверителите да не можат да поднесат барање за извршување за основен долг помал од 500 денари.

За граѓанските иницијативи за реформи во извршителската практика, во насока на враќање на извршувањето во судовите, извршителот Јорданчо Давитковски од Крива Паланка имаше излагање во кое аргументира дека таквата опција е чекор назад во ефикасноста на извршувањето, со оглед дека искуствата од таквиот начин на извршување покажуваат дека процесите се одолжуваат до степен на бесмисленост кога конечно ќе бидат спроведени. Правејќи паралела со извршителските системи во соседните земји од регионот, но и кај во европските земји, Давитковски наведува дека реформските тенденции за поголема ефикасност на постапката на извршувањето секаде главно одат во насока на извршителскиот систем со приватни извршители (или комбиниран). Размислувањата за унапредување на извршителската практика одат во насока да се најдат модели за поевтина и поефикасна извршителска постапка.
Извршителката Каролина Таневска од Прилеп во своето излагање им посвети внимание на правните лекови во извршувањето, укажувајќи дека приговорот до Основниот суд, како и жалбата до Апелацискиот суд, е од интерес како на странките што се засегнати од извршувањето, така и на извршителите, за да се отстранат сите сомневања во законитоста на постапката. На тој начин и странките можат да го остварат своето право доколку навистина има пропусти во извршителската постапка, но и извршителите се заштитени со судската одлука при евентуални понатамошни жалби за постапката. Сепак, приговорите и жалбите немаат суспензивно дејство, односно не го одложуваат извршувањето, освен во специфични случаи, одредени со закон.
Тркалезната маса, замислена како обука за теми од извршувањето за претставниците од медиумите, е продолжување на практиката на Комората на извршители за разјаснување на погрешните перцепции создадени во јавноста за постапките за извршување. Ј.П.