Потпретседателот на Алијанса за Албаниците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари бара итно формирање на техничка влада. Во објава на Фејсбук, Таравари вели дека техничката влада е единствено решение во моментов во земјава, која како што вели е мала во географска смисла, но е гигант во корупција.

– Секојдневно живееме и сме сведоци на корумпираното бирократско мочуриште, во коешто плови сè и сешто. Власта е во постојана кавга со неколку држави, како да не ѝ беше доволен сомнителниот начин на доаѓање на тронот. Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора, техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од врата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните – пишува Таравари.

Според него итна интревенција е потреба во пет сфери, корупцијата, невработеноста, образованието, здравството и админстрацијата.

– Техничката влада ќе мора да даде приоритет на излез од кризата на историските дилеми и да работи на усогласување на владиниот и ЕУ – календарот. Токму во такво ‘руво’ оваа влада би дала пример за сите други, идни влади, работејќи и не очекувајќи пофалби и комплименти, туку успешно завршувајќи ги своите задачи. На Македонија не ѝ треба Столе кого го вработи братучедот, ниту Шабан чијашто функција е заслужена поради семејната поврзаност со партискиот лидер. Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти – вели Таравари.