Според предвидувањата на експертите, нема временска одредница кога ќе се случи мегапоплавата, но таа ќе биде предизвикана од силната бура што ќе почне во текот на зимата на Пацификот, во близината на Хаваите

Калифорнија соочена со библиски потоп поради климатските промени

На Калифорнија ѝ се заканува суперпоплава, од која ќе бидат раселени десет милиони луѓе, а штетата од водената стихија ќе достигне над илјада милијарди долари. Според предвидувањата на експертите, нема временска одредница кога ќе се случи мегапоплавата, но таа ќе биде предизвикана од силната бура што ќе почне во текот на зимата на Пацификот, во близината на Хаваите. Калифорнија е позната како подрачје што се соочува со последиците од екстремни суши, големи пожари и земјотреси. Годинава сојузната влада прогласи вонредна состојба поради високите температури и недостигот од дождови. Во најновото истражување, објавено во списанието за наука „Сајанс адвансис“, глобалното загревање ги зголеми можностите Калифорнија да биде зафатена од разорна поплава во наредните четири децении.
Климатолозите од Универзитетот во Калифорнија предупредуваат дека поплавата би била еднаква или посилна од разурнувачката поплава од 1862 година. Тогаш, во триесетдневните континуирани врнежи, бил уништен поголемиот дел од сојузната држава на западот на САД и го променил текот на реката Лос Анџелес.
Доколку се случи иста катастрофа денес, десет милиони луѓе ќе бидат раселени, автопатиштата ќе бидат затворени со месеци, а градските центри како Фресна, Стоктон и Лос Анџелес ќе бидат целосно поплавени. Штетата би била пет пати поголема од таа што ја направи ураганот Катрина, која се смета за „најскапа“ природна непогода во историјата на САД.
Научниците направиле симулација на мегапоплавата, која станува сѐ поверојатна со порастот на глобалната температура. Со големото ширење на тропскиот воздух околу екваторот, атмосферските струи ќе создадат голем облак на водена пареа, кој ќе се насочи кон Западниот Брег. Кога големиот облак од влага ќе стигне до Калифорнија, ќе наиде на планини и ќе биде принуден да тргне нагоре. Тоа ќе го разлади облакот од пареа, што ќе предизвика големи количества дожд и снег, кој ќе паѓа со недели. Големиот воден порој ќе биде закана за браните и насипите во Калифорнија. Се проценува дека во некои делови на Калифорнија ќе паднат над 2.500 милилитри дожд.
Климатските промени, проследени со екстремни жештини, поројни дождови и бури ќе се одразат неповолно на развојот на туризмот и во земјите од Медитеранот. Познатата плажа Ес Тренс во Мајорка, Шпанија, од 1979 година, на некои места се стеснила за 40 метри. Ова не е изолиран случај на островот, а ако вака продолжи промената на временските услови, многу плажи ќе исчезнат во наредниот период.
– Губењето на земјиштето во регионот на Средоземно Море е големо – вели Томас Дворак, координатор на студијата на германската Сојузна агенција за заштита на животната средина.
Прогнозите се загрижувачки за местата како островот Мајорка, чие локално население егзистира од морето и сонцето.
Топењето на снегот, исчезнувањето на плажите, бурите и поплавите ќе се одразат на развојот на туризмот. Недостигот од вода и екстремните температури може некои региони да ги направат непривлечни за одмор. Во 2008 година, Светската туристичка организација предупреди на ранливост на туристичкиот сектор поради климатските промени. Научниците предупредуваат дека во иднина сѐ поголем број туристи ќе бидат заинтересирани за северните региони на Земјината топка.
– Можеби има луѓе што налето не одат на Средоземно Море поради жештините, но тоа засега не е масовна појава. Сепак традиционалните туристички места не треба да чекаат на приспособување на временските услови. Порано или подоцна, мора да го направат тоа. Во спротивно, во еден момент можеби нема да има туристи – вели туристичкиот експерт Дагмар Лунд-Дурлахер во изјава за „Дојче веле“.
Порастот на нивото на морето кај Мајорка и сега станува предизвик. На некои плажи има тесен простор за поставување чадори за сонце, лежалки или бунгалови, а со текот на времето тоа ќе биде сѐ помалку можно.