Фото: МИА

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, на маргините на 77-то Генерално Собрание на Обединетите нации, се сретна со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан при што се осврнале и на стратешкиот дијалог.

Како што соопшти МНР, соговорниците изразија задоволство што Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната. Ваквиот развој на соработката претставува уште една потврда за долгогодишното сојузништво и силно стратешко партнерство меѓу двете земји.

– Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на рефомските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава. Благодарни сме за континуираната американска поддршка низ годините, со посебен акцент на нашиот евроинтегративен процес како особено значаен за целокупната регионална стабилност – истакна Османи.

Воедно, се посочува, на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.

Македонија е прва од земјите од Западен Балкан која отвора стратешки дијалог со САД, кој претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.