Според габаритот на американската делегација, во јавноста се проектира и габаритот на имињата на сегашни или поранешни државни функционери што би можеле да се најдат на црната листа на САД и на удар на санкции поради криминал и корупција, кои сега се ставени „на чекање“ барем еден месец. Во секој случај, манифестирана е решителност на американската администрација да биде импулс на домашните некомпромитирани институции и антикорупционери, вклучувајќи и активирање на механизмите на собраниска контрола, за да се справат со високиот криминал и корупција во Македонија, како дел од една поголема операција на расчистување со овие општествени девијации, пред сѐ во високите политички кругови како креатори на високата корупција и нејзини директни носители во Македонија и Западен Балкан
Постојат ли сѐ уште дилеми во врска со ефикасноста на водењето на борбата против корупцијата
По 31 година самостојност, Македонија како независна држава и понатаму бара начини како да се справи со корупцијата. Ескалирачкиот тренд на оваа деградирачка општествена појава, до степен на системска деградација, е креиран и генериран од највисоките носители на јавната власт, државни и партиски функционери, па дури и оние што беа декларирани како неприкосновени борци против неа. Примерот со СЈО, (не)довербата во судството „закотвена“ на минималните 8 отсто, нетранспарентноста и некритериумите за избори на први луѓе на институции (ЈО ГООК, Судски совет…, како последни примери), кои треба да ја вратат довербата во правната држава и владеењето на правото, дополнително ја зголеми загриженоста на странските партнери, кои три децении помагаа и вложуваа во кадри и ресурси за обука и развој на третиот столб на власта – правосудството. Тие детектираа не само проблем во нашиот институционален капацитет туку, уште повеќе, вкоренети опструкции и т.н. „притисоци одозгора, кои не дозволуваат професионалците да ја вршат својата работа според законот.
Непомирливо антикорупциско ноу-хау
Новата американска амбасадорка во Македонија, Ангела Агелер, уште пред да стапи на должност, а особено по нејзиното официјално доаѓање во Скопје, во секоја пригода ја нагласува својата посветеност на помошта во справувањето во македонската борба против корупцијата. Првиот конкретен потег беше работниот престој во Македонија на американскиот тим за санкции против корупција во државата. Тимот истражители што пристигнаа директно од Вашингтон да направат мониторинг на состојбата, заминаа по една недела престој, а засега не се откриваат детали. Од амбасадата само посочуваат дека САД ги повикуваат на одговорност вмешаните во корупција и дека ќе се користат сите расположливи законски алатки од македонското законодавство во борбата против корупцијата.
– Стејт департментот разгледува низа достапни органи на власта, кои во координација со меѓуресорски колеги преземаат соодветни активности за да ѝ се спротивстават на корупцијата. Преку идентификување под овие органи на власта, Соединетите Американски Држави можат да промовираат одговорност за сегашни и поранешни владини функционери што се впуштаат во корупција, или вршат прекршување и злоупотреби на човековите права, и да ги поддржуваат напорите за попречување или одвраќање од идни злоупотреби – велат од Амбасадата на САД во Скопје.
Во меѓувреме беше најавена, па одложена за по Нова година, посета на Македонија од советникот во Стејт департментот, Дерек Шоле, заедно со делегација во која требаше да биде заменикот на помошник-секретарот во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Според габаритот на американската делегацијата, во јавноста се проектира и габаритот на имињата на сегашни или поранешни државни функционери што би можеле да се најдат на црната листа на САД и на удар на санкции поради криминал и корупција, кои сега се ставени „на чекање“ барем еден месец. Во секој случај, манифестирана е решителност на американската администрација да биде импулс на домашните некомпромитирани институции и антикорупционери, вклучувајќи и активирање на механизмите на собраниска контрола (и законодавниот дом има инструменти за да побара интервенција), за извршната и судската власт да се справат со високиот криминал и корупција во Македонија, како дел од една поголема операција на расчистување со овие општествени девијации, пред сѐ во високите политички кругови како креатори на високата корупција и нејзини директни носители во Македонија и Западен Балкан.
Формалноправна рамка за соработка и работење на специјалниот антикорупциски тим во Македонија одамна постои
По стивнувањето на сензационалистичките тонови, „сочните епитети за и против“ американските заложби за расчистување со корупцијата во Македонија и во регионот, изрекувани од политичките субјекти во земјава, но и од политички аналитичари, јавноста сепак немаше јасен одговор – која е формалноправната рамка на соработката на САД и Македонија токму за спроведувањето на принципите за владеење на правото, проширување на институционалните државни капацитети во сите столбови на власта, особено во правосудството, во врска со развојот на правната држава, начините, формите и методите за што поефикасна борба против корупцијата итн. Во истиот контекст беа отворени и дилеми дали со американското активно вклучување во борбата со високата корупција би биле загрозени правната сувереност на државата и независноста на македонскиот правен систем.
Во врска со тоа, повеќе правни експерти со кои се консултиравме, општата рамковна меѓународноправна заснованост на истражувачките заеднички зафати на американскиот тим за санкции на корупцијата во нашата земја ја пронаоѓаат во Декларацијата од 2008 година за стратегиско партнерство меѓу Македонија и САД. Поаѓајќи од базичниот принцип стипулиран во Декларацијата дека „САД и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постојни граници“, за правните експерти веќе е јасен одговорот на прашањето во јавноста за „загрозеноста на правната сувереност на државата и независноста на македонскиот правен систем“!
Понатаму, соговорниците го истакнуваат и цитираат делот од документот за стратегиска соработка меѓу Македонија и САД каде што се наведуваат заложби за заеднички напори за остварување заеднички цели, при што во текстот на Декларацијата посебен акцент е ставен на тоа дека „во интерес на уште едно поцврсто партнерство, САД имаат намера да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија за да се помогне во изградбата на просперитет“ во повеќе области (безбедност, економски развој), а децидно е искажана и заложбата за „владеењето на правото“, кое подразбира залагање и помош за непомирлива борба против корупцијата. Врз основа на Декларацијата за стратегиско партнерство, но и редица други договори произлезени од Декларацијата во кои се операционализира соработката, (ќе) се одвива соработка на американскиот тим и македонските институции за справување со тридецениската вкоренета корупција во земјава и отвореното прашање дали проблемот е во нашите домашни ресурси или во политичките опструкции и бариери што не дозволуваат докажано професионалните кадри да дојдат на вистинското место.
– Правната сувереност на државата и независноста на правниот поредок не можат да бидат загрозени поради учеството на американскиот тим за санкции од едноставна причина што исклучиво нашите надлежни органи имаат надлежност за водење евентуални кривични постапки. А наедно Македонија е стратегиски партнер на САД врз основа на Декларацијата за стратегиско партнерство, со која сме се обврзале, меѓу другото, и на владеење на правото. Од друга страна, државата е потписник на меѓународни договори и билатерални договори за давање меѓународна правна помош во кривичната материја. Активностите и легитимитетот на американскиот тим за санкции се засновани на Поглавјето 7031 (с) од Законот за апропријации за програми на Стејт департментот, странски операции и сродни програми од 2022 година, врз основа на кој се веќе изречени санкции за физички лица и членови на нивното потесното семејство за САД. Конечно, нивното присуство и активности го отвораат прашањето за капацитетот на нашите органи и институции во смисла на самостојна реализација на програмите за борба против корупцијата – вели поранешниот долгогодишен судија во Одделението за боба против организиран криминал и корупција во Кривичниот суд во Скопје и сегашен адвокат м-р во Владимир Туфегџиќ, познавач на меѓународноправната материја за справување со корупцијата.
Нашиот соговорник го издвојува ноторниот факт на постоење кај нас на системска корупција, особено кај носителите на јавните функции, за кои дури издвојува дека се „генератори на ваквите состојби“.
– Во изминатите триесетина години Македонија докажа дека нема доволен капацитет во институционална смисла за конкретна реализација во справувањето со системската, поточно високата корупција, а сето тоа поради немањето доволен степен на одговорност кај носителите на јавни функции, дури истите тие се генератори на ваквите состојби. Имено, за корупцијата како феномен се зборува само во предизборието, кога политичките чинители ја користат со политичка реторика за да го нападнат политичкиот противник што дотогаш бил на власт но само деклараторно, а не се нудат конкретни системски решенија, механизми и капацитети за конкретна реализација во сузбивањето на корупцијата. Системската корупција извира од носителите на власта преку различни облици на трговија со влијание, скриена сопственост, ветување награда за противзаконско влијание во финансиска смисла или повластено унапредување и добивање соодветни привилегии за себе или за блиски членови на семејството. Политичките партии, партиските функции, партиските персонални решенија и вработувања станаа врвен приоритет, а не државата. Сѐ што се прави, се прави во име на партијата и партиската организација, а не во име на државата и тоа со текот на времето стана вообичаено однесување.
Конечно, борбата против корупцијата кај нас се релативизира на начин што топката се префрла кај граѓаните како стимулатор на корупцијата и на тој начин се става знак на равенство помеѓу системската или високата корупција, која извира и чиј главен мотиватор е во персонална смисла дел од луѓето што се носители на власта со обичниот криминалитет – констатира нашиот соговорник м-р Туфегџиќ.