Само со домаќинлак ќе има пари за сѐ

На сета мака со нефункционирањето на јавниот градски превоз, ова со ревизорскиот извештај за Град Скопје дојде како сол на рана, што би рекле повозрасните скопјани. Штета, навистина како скопјанка длабоко сочувствувам со овој скопски хроничен проблем. И не само што сочувствувам и сакам да помогнам туку го чувствувам секојдневно на своја кожа, а го чувствува и моето семејство. Но пред сѐ и над сѐ да се разбереме: резултатите на ревизијата во градската администрација, кои се вџашувачки за секој жител на Скопје, а и на Македонија, не оди на душа само на актуелниот или на минатиот градоначалник, ова е систем на функционирање со години. Тука е проблемот. Наследен, хроничен, но сигурна сум дека не е нерешлив

Вџашувачки се информациите и резултатите што во последниот извештај ги соопштија ревизорите од Државниот завод за ревизија, кои се однесуваат на работењето на администрацијата на Град Скопје. На сета мака со нефункционирањето на јавниот градски превоз ова дојде како сол на рана, што би рекле повозрасните скопјани. Штета, навистина како скопјанка длабоко сочувствувам со овој скопски хроничен проблем. И не само што сочувствувам и сакам да помогнам туку го чувствувам секојдневно на своја кожа, а го чувствува и моето семејство. Но пред сѐ и над сѐ да се разбереме: резултатите на ревизијата во градската администрација, кои се вџашувачки за секој жител на Скопје, а и на Македонија, не оди на душа само на актуелниот или на минатиот градоначалник, ова е систем на функционирање со години. Тука е проблемот. Наследен, хроничен, но сигурна сум дека не е нерешлив.
Еве, најголемиот проблем е детектиран во наплатата на данокот на имот. Имено, сопствениците на објекти во метрополата имаат неплатени решенија за данок на имот уште од пред десетина години!? И за тоа не сноселе апсолутно никаква одговорност.
Од друга страна, пак, со години, еден од најголемите проблеми за граѓаните е токму дуплото блокирање сметки за едно исто решение за данок на имот?!
„Нова Македонија“ низ годините пишуваше доста на оваа тема, бидејќи граѓани доставија реакции до нашата редакција дека и покрај тоа што данокот на имот уредно им бил платен, сметката повторно им останала блокирана. Некои од граѓаните си чуваа докази за платеното, па лесно си ја завршуваа работата, меѓутоа, оние што, за жал, не можеа да најдат доказ, си плаќаа по вторпат.

Многумина од нив дури и добиваа блокади за данок на имот на веќе продадени недвижности. Фактот што имот не може да се продаде ако нема платен данок на имот, дополнително отвораше голем број прашалници над градско-граѓанските односи.
Со оглед на извештајот од ревизијата станува јасно дека во однос на оваа ставка, во градот има неред. Повторно да ги цитирам старите скопјани, кои низ шега, но со горчлива насмевка велат „нит се знае кој плаќа, нит кој должи“.
Она што законските обврски го предвидуваат дека треба да се плати – тоа мора да биде намирено како обврска од страна на граѓаните. А се разбира, за неплаќачите мора да постои (и превентивен и репресивен) механизам што ќе воспостави ред во оваа област. Не може некој да плаќа двапати, а некој со години ниту еднаш, а ги ужива сите права над имотот што го има во сопственост. Ниту е фер, ниту пак по предвидените прописи. А тие пари би завршиле огромна работа за градските проекти.
Ете, на пример, би се асфалтирале дополнителни улици, би се давале повеќе субвенции, би се изградиле уште повеќе паркови, игралишта, забавни паркови… Би им се дале парите на социјално загрозени семејства, би се насочиле кон училиштата и би се инвестирале во подобри услови во образованието.
За сите тие долгогодишни долгови, градот не разработил никаква стратегија за наплата, ниту начини како тие да се наплатат.

Од она што го покажа ревизорскиот извештај, јасно е дека градот има голем број должници, но и факт е дека со парите не се управува како што треба.
Со пари од буџетот од една година се плаќаат активности од минати години, јавните градски претпријатија реализираат активности за кои немаат доволно средства, а кои од нив дури и самите му должат пари на градот за просторот со кој стопанисуваат.
Скопјани имаат право да знаат, па и да имаат увид како се управува и како се работи со нивните пари. Па ако треба и да воспостават граѓанско тело, надоврзано на градската администрација, кое би било специјализирано за финансиски менаџмент, за да го рестартира финансиското работење на Град Скопје и евентуално да работи на продлабочување на капацитетите, знаењето и вештините на постојните административни органи од споменатиот домен.

Жителите на градот Скопје секојдневно учествуваат во градскиот буџет со плаќањето сметки за струја и вода и имаат право да добијат услуга значително подобра од актуелната, во која нема да добиваат блокирање на сметки за веќе платени решенија за данок на имот, на сметка на оние што зад себе имаат неплатени обврски стари десетина години.
На тој начин се губи вербата на народот, паѓа кредибилитетот на институцијата, независно дали таа институција е градот или некоја друга.
Само со сериозен пристап, со сериозен ангажман за решавање на овие недостатоци ќе може градот да стане институција во која граѓаните ќе имаат верба и ќе знаат дека домаќински и рационално се трошат парите. Идеи има. Начини има. Методи и инструменти има. Засега, одговорност нема. Дискутабилно е тоа дали има волја нешто да се направи или не. А само со домаќинлак ќе има пари за сѐ.

[email protected]