Фото: МЗ

Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) бара оставка од министерот за здравство Фатмир Меџити заедно со премиерот Ковачевски, бидејќи тој не се огради од неразумните одлуки на својот министер, се вели во партиското соопштение до јавноста.

– Социјалистичката партија на Македонија со изненадување ги проследи неколкуте последователни одлуки на министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој не ги почитува ниту Уставот ниту законите ниту граѓаните. Работи на штета на македоснките граѓани, дури и ги убедува дека е тоа за нивно добро. Со акти што не се потврдени со закон во парламентарна постапка Меџити ги изедначува правата на странски државјани, а на штета на македонските граѓани и на нивните права и средства за здравствена заштита. Тој не зборува за реципроцитет на правата туку сака да им угоди на државјаните на Косово и Албанија за кои цени дека кај нас не се странци – наведуваат од СПМ.

Опозициската партија се осврна и на разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Сашко Јовев.

– Разрешувањето на врвен кардиохирург од страна на Меџити и најавата дека веќе разрешил над 20 директори на здравствени установи се акти на субверзивно дејствување и за уништување на здравствениот систем. За таквото дрско и безобразно однесување Меџити мора да си оди. Затоа Социјалистичката партија на Македонија повторува дека Меџити заедно со Кавечевски мора да си одат од власта за доброто на граѓаните и државата и на итни избори да се одберат нормални поединци кои знаат како да водат држава и се грижат за своите граѓани – порачуваат од СПМ.