Фото: Игор Бансколиев

Информацијата за 8 отсто доверба во судството, во правната фела е примена како загрижувачко, но и повеќе од алармантно сознание. Повикувајќи се на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, американската амбасадорка во Македонија, Мери Кејт Брнз, изјави дека е неопходно да се врати довербата кај граѓаните за тие да видат дека системот функционира. Во исто време, наши соговорници, познавачи на начините за валоризација на функционалноста на судскиот систем, велат дека методологијата за оцена на судиите е сосема погрешен пристап за создавање релевантна перцепција на работењето, зашто праведноста, ефикасноста, па и довербата во судството не се темелат на административно оценување на работата на судиите…

МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ И НИВНАТА ДОВЕРБА ВО СУДСТВОТО КАКО ПОВОД

Американската амбасадорка во Македонија, Мери Кејт Брнз, на меѓународната судска конференција „Судска независност низ реформскиот процес – очекувања и реалност“, која се одржа минатата недела во Скопје, предизвика своевиден шок во правната јавност и „фрли ракавица“ со предизвик пред македонските судии, со изјавата дека македонските граѓани немаат доверба во судството. Повикувајќи се на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, таа изјави дека е неопходно да се врати довербата кај граѓаните да видат дека системот функционира.
За слабостите во функционирањето на судскиот систем во Македонија со години се зборува како за хронична појава, често поврзана и со неможноста да се надмине „феноменот“ на партизираност. Ваквите појави не остануваат незабележани ниту во извештаите на Европската комисија за напредок во реформите за усогласување на македонскиот правен систем со европскиот. Но информацијата за 8 отсто доверба во судството, во правната фела, е примена како загрижувачко, но и повеќе од алармантно сознание.
– Ако нивото на доверба на граѓаните во судството навистина е 8 отсто, тогаш се чини дека најдобро е да се распушти постојниот судски систем и одново, со нови судии, но и со нови закони, да се создава ново судство. Лошо би зборувало за довербата во судството и да е двојно повисок резултатот, но уште попоразително е што оваа информација, како своевидна оцена, доаѓа од странски амбасадор во Македонија. Тоа дополнително ја деградира 70-годишната традиција на македонското судство, кое функционираше ефикасно и праведно и без оцени од надворешни фактори.

Методологијата за оцена на судии е сосема погрешен пристап, зашто праведноста, ефикасноста, па и довербата во судството не се темелат на административно оценување на работата на судиите – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Сепак, американската амбасадорка директно ги соочи судиите и обвинителите со фактот дека „граѓаните мора да се бидат уверени дека нивните случи ќе бидат сослушани од неутрални и независни судови во разумен рок“.
– Не е тајна дека јавноста не верува во судството. Всушност, неодамнешна анкета на „Еуротинк“ покажа дека само 8 отсто од граѓаните на Македонија имаат доверба во судството и обвинителството. Очигледно, има многу за работа, вклучувајќи судски реформи и зајакнување на институциите, но исто така треба да се адресираат и перцепциите – луѓето треба да видат и да почувствуваат дека системот функционира. Граѓаните мора да се бидат уверени дека нивните случи ќе бидат сослушани од неутрални и независни судови во разумен рок. Ова е основен принцип во секоја слободна и функционална демократија – рече Брнз на меѓународната судска конференција.
Според неа, судството мора да биде ефикасно, независно и да го спроведува законот еднакво за сите доколку сака да ја врати довербата на граѓаните. Како што порача американската амбасадорка во Скопје, враќањето на довербата на јавноста може да се постигне само ако сите судии прават повеќе од она што се очекува од нив кога ја дале заклетвата.

Повикувајќи се на своето четиридецениско правно искуство во судската практика, поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека практичните чекори за унапредувањето на функционалноста и ефикасноста на правосудството треба да започнат со средување на организацијата во Обвинителството и во МВР.
– Обвинителството и МВР се главните инстанци за откривање, истрага и водење постапки за кривичните дела. Оттаму, од квалитетната и законска истрага, обезбедувањето докази, најмногу зависат текот и брзината на постапката, како и ефикасноста во носење на судската пресуда. Покрај тоа, Кривичниот законик ни е некако половично структуриран, според американско-германски модел, кој во оригиналната верзија предвидува судење со судија и порота. Но во нашиот закон имаме судија, а немаме порота. Сметам дека таквата законска недореченост делумно е причина за постојаното одложување на судењата, што е недозволиво. Штом е започната една судска постапка, мора да продолжи без одложувања до пресудата, за правдата да биде ефикасна. Довербата во судството се постигнува со ажурност во водењето на предметите и пред сѐ со ефикасно и законско судење. Професионалноста и стручноста во работењето, самодовербата во знаењето на судиите го прават судството независно и со интегритет, отпорно на политичко-партиски влијанија. Само така може да се подигне довербата во судството од тие „сомнителни“ 8 отсто што ги искажа американската амбасадорка – вели судијата Дане Илиев.