ВО РАМКИТЕ НА ПЕТТАТА ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА

Заедно со своите професори, студентите од Петтата демирхисарско-слепченска летна школа, на православниот празник Св. Петар, присуствуваа и се вклучија во големиот петровденски собир што традиционално се одржува во црквата „Св. Петка“ во селото Света.
Како резултат на неколкумесечните подготовки што Општина Демир Хисар и научниот тим на летната школа, заедно со Црковниот одбор ги направија за вклучување на ова населено место и неговата поблиска и подалечна историја во програмскиот интерес на школата, настанот се одржа под името „Прво петровденско чествување во спомен на свеќанските револуционери“.
Во дворот на црквата „Св. Петка“, каде што на Петровден традиционално се слави денот на осветувањето на стариот црковен храм, за претстојните научноистражувачки активности, пред присутните се обрати научниот раководител на школата, проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во МАНУ, и професорот на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, д-р Ванчо Ѓорѓиев.
На чествување во Света, за првпат беше организирана и културно-уметничка и музичка програма на која настапи КУД „Илинден“ при Домот на културата во Демир Хисар.
Марина Ѓорѓиевска, претседателка на црковниот одбор, истакна дека за оваа пригода со сопствени средства, но и со голема поддршка од градоначалникот Никола Најдовски, како и јавни и приватни компании, извршиле преуредување на црковниот двор, а во непосредна близина на камбанаријата поставиле и летниковец. Д.Ст.